Европа од утре со олеснувања на корона-мерките, СЗО не е среќна поради тоа

Земјите на Европа, во кои се смета дека веќе е постигнат пикот на епидемијата, почнуваат да размислуваат за постепени олеснувања на строгите рестрикции, воведени за смирување на ширењето на коронавирусот.
Сепак, новата нормалност секаде ќе значи и поинакво однесување - оние кои наскоро ќе се вратат на работа ќе треба и натаму да ги почитуваат правилата на социјално дистанцирање и несобирање се додека не биде создадена вакцина против ковид-19, вели кинеска студија, изработена врз основа на тамошните искуства. Кина успешно се справи со првиот бран на епидемијата, но оваа студија проценува дека опасноста од втор бран е многу реална.
Земјите во Европа веќе бараат соодветна излезна стратегија за ублажување на досегашните ограничувања.
ДАНСКА наскоро ќе ги отвори јаслите, детските градинки и училиштата. За премиерката Мете Фредриксен тоа е внимателна прва фаза. Со нивното отворање на 15 април, данските власти сакаат да ги растоварат родителите кои досега се грижеа за децата и работеа oд дома. Границите на земјата ќе останат затворени до 10 мај. Ограничувањата остануваат на сила за рестораните, кафеаните, баровите, театарите и другите јавни простори, а собирања на повеќе од 10-мина и натаму не се дозволени. Големите настани се забранети до крајот на август.
АВСТРИЈА – како и Данска, и Австрија бргу реагираше на пандемијата и рано воведе строги мерки. Првите чекори за враќање во нормала почнуваат утре кога ќе се отворат продавниците со алат, опрема за домот и градината, но со строги предуслови. Сите продавници, трговски центри и фризерски салони се отвораат на 1 мај, а од средината на мај се предвидува да продолжат со работа и хотелите, рестораните и баровите. Ограниченото движење останува во важност до крајот на април, што значи дека домот ќе смее да се напушта само од оправдани причини. Носењето маски ќе биде задолжително за сите продавници и за јавниот превоз - од утре.
ШПАНИЈА – некои олеснувања се очекуваат по 26 април, кога истекува вонредната состојба. Владата ќе даде прецизни упатства за однесувањето на граѓаните во јавниот простор.
ЧЕШКА – граѓаните на оваа земја уште од утре ќе може да играат тенис и голф. Продавниците со опрема за домовите, градините, за хоби-активности, за делови на автомовбили и велосипеди ќе се отворат од четврток. Ќе биде засилена хигиената во малопродажбата. Купувачите ќе мора и натаму да ја почитуваат препорачаната оддалеченост едни од други, а на влезовите во продавниците ќе мора да има дезинфициенси и ракавици за една употреба. Од утре ќе бидат дозволени и патувања во странство за лекување или за бизнис.
Секој што бил во контакт со заразен има црвен код и не смее да патува. Превентивните мерки остануваат строги, на граѓаните и натаму им се мери температура, сите носат маски, а градинките и училиштата се затворени.
Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус минатата недела посочи дека укинувањето на мерките за изолација во земјите погодени од коронавирусот не е паметна идеја.
-Знам дека некои земји се подготвуваат за излегување од изолацијата. СЗО, како и сите, би сакала да се укинат рестрикциите. Но, нивното прерано укинување би можело да предизвика фатално враќање на пандемијата – изјави Аданом.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејенвикендов советуваше -не букирајте одмори за летово, никој не може со сигурност да предвиди каква ќе биде ситуацијата во јули и август.
Текстот е превземен од Женски магазин