Ферари фуриозно: Влегува во модната индустрија

Познатиот италијански производител на луксузни автомобили „Ферари“ одлучи да се испроба и во луксузната модна индустрија.   

Првата колекција беше претставена на модна ревија во Маранело, близу Модена, каде што и се наоѓа седиштето на фабриките на „Ферари“. 

Креативниот директор на новата облека за возрасни и за деца – со препознатливиот знак со коњот, е Роко Јаноне – дизајнер кој соработувал и со Џорџо Армани. 

Во колекцијата доминираат црвената и портокаловата боја, а отпечатоците на материјалите се инспирирани од карактеристичните линии на автомобилите на Ферари и на написи од весници. 

При создавањето на колекцијата, се истакнува, посебно внимание се посветило на употребата на материјали чиешто производство значи заштита на животната средина. 

Етикетите гарантираат и дека не биле искористувани работници или деца за време на производството. Модната марка „Ферари“ сега е една од компонентите на холдингот „Екс-сор“, сопственост на семејството Ањели.