Филмот „Среќна 13“ за легендарниот „Буштур“ награден за најдобра режија
На 12. по ред, меѓународен фестивал за спортски филм во Златибор, посебно признание за филмот посветен за Благоја Георгиевски-Буштур
Филмот посветен за македонската кошаркарска легенда, Благоја Георгиевски-Буштур, „Среќна тринаесеттка“, продуциран од страна нa Македонската телевизија, доби една од главните награди на 12.меѓународен фестивал за спортски филм, кој во изминатите неколку дена се одржуваше на Златибор.
Специјалното жири, составено од еминентни познавачи на филмот и на спортот, одлучи дека „Среќна тринаесеттка“ е најдобро режираниот филм од одбраните 45, кои жирито ги одбра во финалната селекција на фестивалот на Златибор.
Режисерот Тони Ристовски креираше еден филмски запис кој ќе остане засекогаш врежан во меморијата на сите следбеници на кошаркарскиот спорт, не само во нашата земја, туку и пошироко.
А дека Македонија има со што да се прeтстави и во светот на филмот, сведочи и уште една награда, која жирито на Златибор ја даде за „Патот на кобрата до ѕвездите“ посветен на уште една наша легенда, фудбалска, секако, станува збор за Дарко Панчев.