(ФОТО) Авантуристите од Стојаково го развиореа македонското знаме во Кина
Патувањето низ светот со олдтајмери е предизвикувачко во секоја смилса на зборот. Но, само најхрабрите и оние со најголемо срце можат успешно да ја преминат секоја препрека.
Минатата година Шуклев и Николов успешно го реализираа првото патување од Стојаково до Ница со Рено 4. Оваа година доста поспремни и со уште поголеми идеали тргнаа на патување од Стојаково до Пекинг.
Од тогаш поминаа 20 дена, 11.000 километри со олдтајмерот, милиони пречки на Кинеската граница, 800 километри со авион и само со еден силен мотив - никогаш да не се откажат од целта!
Им честитаме од срце и со нетрпение го очекуваме враќањето на овие вистински херои.
Нивното обраќање ви го пренесуваме во целост:
„Стојаково и Македонија на нозе, Кина на колена! Битката на Кинеската граница ја загубивме, ама војната ја добивме!!!
Голема благодарност до сите! Почнувајќи од нашиот тим во импровизираното студио во Cafe Bar Iks во Стојаково, кој деноноќно беше со нас и ни даваше точни информации по патот, потоа голема благодарност до сите спонзори без кои оваа мисија немаше да биде возможна, посебно до градоначалникот на општина Богданци Блаже Шапов и општинскиот совет како најголеми донатори, благодарност до министерот Димитров, тимот професионалци од МНР како и вршителот на должноста Амбасадор на Македонија во Кина, нејзината екселенција, г-ѓа Зорица Ташковска без кои влезот во Кина нема да беше возможен.
На крај, најголемо фала и до сите наши знајни и незнајни пријатели и поддржувачи кои не охрабруваа да стигнеме до Пекинг по секоја цена!
Тука завршуваат 51% од нашата мисија. Се надеваме нашето Рено е сеуште на аеродромот во Улаанбаатор. Утре сабајле се враќаме назад во Монголија и го започнуваме патот назад.
Уште 11000 километри полни неизвесност, друмски патишта и дружба со нашето Рено.
На последната слика сме сликани пред зборовите кажани од Мао Це Тунг: "Не си херој ако не си го видел Кинескиот зид" - Ние успеавме да го видиме, и тоа на херојски начин!
Подготовките за пречекот се веќе во полна пареа во центарот на Македонија, се надеваме ќе ве има во уште поголем број оваа година!“
извор: facebook