ФОТО: МЗТ Скопје победник во вечното дерби, Работнички немоќен
Во 160 по ред, вечна приказна во македонската кошарка, победа за МЗТ Скопје против Работнички со 91:87.
Одлична претстава во СЦ „Јане Сандански“ во 160 пресметка на вечниоте ривали во македонската кошаркарка, и уште поголема победа за актуелниот освојувач на шампионската титула. Во натпревар во кој „вечните“ играа со доста осцилации, МЗТ Скопје Аеродорм успеа да ја одбрани константната предност која ја имаше во текот на скоро сите 40.минути, и на крајот, да победи.
МЗТ Скопје Аеродром беше екипата која имаше подобро „отворање“ на дербито. Во уводниот дел „бело-сините“ се стекнаа со водство. Прво од (15:10), нешто подоцна и (21:13).
Но Работнички имаше одговор, го даде Малешевиќ, кој реализираше 13 поени и доста „влијаеше“ за гостинската екипа го намали тој негативен скор на (20:23), а на истекот на периодот погоди и Форте, за минимални (23:22).
Интересна беше одлуката на тренерот Драган Николиќ за овој натпревар да не смета на Кук, најдобриот поединец на средбата од АБА лигата (победа над Цедевита Олимпија), а поголемо внимание да посвети „во рекетот“ каде ги стави Аби и Миќовиќ (надвор од ростерот беше и Бурсаќ).
Работнички дури и премина во водство (24:23), по што следуваше серија од десет поени на домаќините, во нешто повеќе од три минути од втората четвртина за сосема солидни, и највисоки, (33:24).
По тројката на Вер, шампионот имаше и двоцифрена позитива (36:25). Но уште еднаш гостите вратија, сега со пет поени по ред, и во 15. минута од дербито, да се доближат на (30:36) и да го натераат тренерот на МЗТ Скопје, Драган Николиќ, на тајм-аут.
И премногу играчки осцилации имаше на двете страни на теренот. Новиот „празен чекор“ на МЗТ Скопје го искористија резервните играчи на Работнички. Прво Нотиџ, потоа и Шошкиќ, и со две тројки ја вратија својата екипа во само „еден посед“ негатива (39:41) на 1:44 минути пред крајот на полувремето.
Заврши со водство на бранителот на титулата (44:41), откако Нотиџ го реализира својот десетти поен, и беше сосема добра поентерска логистика на Малешевиќ, кој најголем дел од своите 14 поени ги реализираше уште во првата четвртина.
На другата страна, малку поинаква распределба на поените. Вер го предводеше домашниот состав со десет поени, еден помалку од него запиша Војдан Стојановски, а Крстевски два.
Гостите од „Градски парк“ имаа шанса да стигнат и до егал резултат. Но Бакоч не реализира две слободни фрлања, за веднаш, со тројка да казни В. Стојановски, погоди и Абу, за ново одвојување, сега на (56:47), како што пишуваше на семафорот во 25. минута. Но не успеаја домашните кошаркари да го „скршат“ противникот, дури и кога имаа уште повисоко водство (60:47), по тројката на капитенот Д.Стојановски.
Гостите уште еднаш „се симнаа“ на едноцифрен минус, (53:62), таков имаа и по три четвртини (57:66).
Во последната, првакот играше на крилјата на Војдан Стојановски. По неговиот нов точен обид вреден три поени (19 поен) тимот од Аеродром одново се одвои на двоцифрена разлика (73:63).
Но се чини дека уште полесно го загубија, наизглед, тоа високо водство. Најдобриот поединец во црвено-бела комбинација, Нотиџ ја намали негативата на само два поени (72:75), на 4:22 минути пред крајот на оваа нова „вечна приказна“, 160. по ред.
И нова минута одмор за домаќините...
И на ред дојде револверашка, тројкашка серија, учесници, В. Стојановски, Нотиџ, Д Стојановски, за (81:75) но и тајм-аут на спротивнатѕа страна на теренот. И „продолжение“... Нотиџ продолжи да погодува од далечина, и да го држи Работнички во игра за победа.
И имаа и тоа голема шанса. Но во моментите на одлука, не знаеја да ги реализираат гостинските играчи слободните фрлања. Прво Нотиџ, потоа и Форте, кој на осум секунди пред крајот беше исто така половичен, и постави (87:89).
Казни, кој друг ако не Војдан Стојановски, за победа, и одбрана на првото место на табелата со скор (12-2). И трет последувателен пораз за Работнички во вториот дел од првата фаза.
ПРВА ЛИГА-МАЖИ
РЕЗУЛТАТИ 14. КОЛО
МЗТ Скопје Аеродром – Работнички 91:87
Феникс 2010 – Струмица 2022 85:71
Пелистер – Навико Академија ФМП 81:67
Кожув – Куманово 2009 94:76
Еуро Никел 2005 – Чаир 2030 80:66
ТФТ – Гостивар 91:77
ТАБЕЛА: МЗТ Скопје Аеродром 26, Пелистер 25, ТФТ Моцарт 23, Феникс 201 23, Еуро Никел 2005 23, Гостивар 23, Работнички 21, Кожув 20, Куманово 2009 17, Чаир 2030 17, Навико Академија ФМП 17, Струмица 16
ИДНО КОЛО (11.02)
Работнички – Гостивар
Еуро Никел 2005 – ТФТ Моцарт
Навико Академија ФМП – МЗТ Скопје Аеродром
Чаир 2030 – Кожув
Струмица 2022 - Пелистер
Куманово 2009 – Феникс 2010