ФОТО: РК Алкалоид ќе создава нови ракометни величини, клубот го претстави својот нов дом
Македонскиот ракометен суперлигаш РК Алкалоид денеска го претстави својот нов ракометен дом, реновираната сала во Автокоманда ќе биде нова база на клубот кој има големи амбиции.
Проектот предводен од Кирил Лазаров има за цел чекор по чекор да се искачи на врвот, но и да создава нови имиња, а условите во Автокоманда се одлично место за тоа.
„По само година и пол по формирањето на ракометниот клуб Алкалоид од Скопје, чест и задоволство ми е што ја имаме оваа заедничка прилика да присуствуваме на реновираниот од корен ракометен дом Автокоманда и чест и привилегија е за клуб како нашиот да имаме свој дом. Мислам дека тоа е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина. Во изминатите години од спортски аспект сакам да кажам што се имаме сработено од спортски аспект, од што сум презадоволен. РК Алкалоид почна од првата лига и за само една година влезе во најквалитетната лига – Суперлигата“ рече Лазаров.
Спонзорот на клубот, компанијата Алкалоид претставувана од првиот човек Живко Мукаетов, најави дека основна цел е развој на ракометот, и создавање на ѕвезди од типот на Кирел, Жути, Манасков, Столе …
„Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе го добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба. Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно. Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба“, рече Мукаетов.