ФОТОГАЛЕРИЈА: Македонија загуби од Украина но не разочара, Бајиќ е задоволен од залагањето
Македонија загуби од Украина со 73:68, последен натпревар во квалификациите за светското првенство, имаме скор од шест порази од исто толку меча.
Нашиот тим се чини загуби со слабата прва четвртина во која примивме дури 35 коша, потоа одговоривме со добра игра и резултат во следните три, но недоволно за пресврт. На мечот се истакнаа тројца играчи со двоцифрен број на поени, Андреј Јакимовски со 17 поени, Војдан Стојановски со 15 и Бојан Крстевски со 13 поени.
По завршувањето на средбата со Украина, во која загубивме (73:68) во доста добра игра, селекторот Драган Бајиќ искажа зборови на задоволство од прикажаното, особено во овие финални 40. минути од квалификациската трка за место кое води на Мундобаскетот
„И честитам на Украина за победата и би сакал да ѝ се заблагодарам на публиката која дојде да нè бодри. Примивме многу поени во првиот дел, дури 35. Беа шутерски расположени, а ние влеговме премеко и пребавно во натпреварот.
Бевме хендикепирани на високите позиции и бевме принудени на алтернативни решенија. Имаат доста искусни играчи кои знаеја да го казнат тоа што ние игравме и со помала енергија. Се вративме во играта со повеќе енергија во втората четвртина и намаливме на минус десет. Во второто полувреме излеговме со повеќе самодоверба и успеавме да го покажеме нашиот карактер. Неколку нереализирани зицери, слободни фрлања не уназадија и изгубивме концентрација. Имавме неколку важни напади кои одлучив да ги наметнам, да им ги дадам на помладите играчи да ги преземат, да се соочат со тоа како се игра во минути кога се одлучува натпреварот.
На крајот на денот морам да бидам задоволен со овој натпревар особено со оглед на тоа дека патувавме од Шпанија и имавме еден тренинг, покрај фактот дека на ниту еден собир не бевме комплетни и не можевме во целост да ја демонстрираме нашата моќ.
Горд сум на оваа група на момци и што имав шанса да ги тренирам. Дел од играчите имаат повеќе минутажа во репрезентацијата отколку во клубовите“ – анализираше селекторот по затворањето на светските квалификации.