Фудбалска Македонија: Историја вредна за почит, иако без големи резултати
Иако нашата земја не може во целост да се нарече фудбалска нација, сепак тоа не значи дека овде не се играло и не се игра фудбал. 110 години фудбал во Македонија. Ретко дека некој ќе се сети на вака значаен јубилеј. Можеби не сме најдобри на полето на фудбалот, ама не значи дека немаме традиција.
Оваа игра уште одамна стекнала популарност и во нашата земја. Но, колку од нас знаат од кога се игра фудбал во Македонија?
Постои податок дека почетоците на фудбалската игра во Македонија датираат од 19-тиот век. Сепак, како роденден на фудбалот во Македонија се смета 09 Април 1909 година. На овој ден, турски офицери го одиграле првиот фудбалски натпревар во нашата земја во дворот во воената турска касарна кај населбата „Идадија“ во Скопје.
Првиот клуб во Македонија го формирале Турците во 1911 година под името Скопје (Ускип), додека првиот официјално регистриран клуб во Македонија во 1912 година бил СК Вардар од Скопје (овој клуб не е истиот со денешниот скопски Вардар кој е формиран 1947).
Како прв официјален натпревар, а воедно и меѓународен натпревар кај нас, се смета натпреварот одигран на 20 Април 1919 година помеѓу селекцијата на англиската војска и СК Напредак од Скопје. Во чест на тој натпревар, во 1978 година беше подигнат и споменик.
После овој натпревар, во многу градови почнале да се формираат спортски клубови кои најчесто биле самоорганизирани и препуштени сами на себе. Во 1924 година дел од клубовите биле примени во Скопската фудбалска жупа која била дел од Белградскиот фудбалски потсојуз. Во 1927 година се формирал и Скопски фудбалски потсојуз во кој членувале не само клубови од тогашна Македонија (Вардарска бановина), туку и од Врање, Лесковац, Косово па дури и Црна Гора (Горица). Прв македонски прволигаш во шампионатот на кралска Југославија бил Скопски „Граѓански“ во сезоната 1938/39.
За време на германско бугарската окупација во Втората светска војна, десеттина македонски клубови биле примени во Бугарската фудбалска федерација и се натпреварувале во Првата и Втората бугарска дивизија. Во текот на војната селекцијата на македонските клубови играла против селекцијата на германската и на бугарската армија. Многу македонски играчи во овој период биле и дел од бугарскиот национален тим.
Во есента 1945 година, била формирана првата Македонска фудбалска репрезентација која учествувала на првото повоено првенство во Југославија. Првиот натпревар против екипата на Војводина го загубила со 1:3, а стрелец на голот за Македонија бил Јане Јаневски.
Во 1945 година, бил оформен Одбор за фудбал како дел од Спортскиот сојуз на Македонија под претседателство на Густав Влахов што придонело за омасовување на македонскио фудбал. Овој одбор прераснал во Фудбалски сојуз на Македонија на 16 Август 1948 година. Прв претседател бил писателот Коле Чашуле, а прв генерален секретар фудбалската легенда Драган Геров – Гагуш. Овој сојуз на на 14 август 1949 година станал дел од Фудбалскиот сојуз на Југославија.
По Втората светска војна во Првата сојузна лига на Југославија се натпреварувале и други македонски клубови, почнувајќи од Победа (Скопје), па скопските тимови Вардар и Работнички, а потоа и Тетекс од Тетово. Најуспешен тим меѓу прволигашите бил скопски Вардар кој во 1961 година го освоил југословенскиот Куп, а во натпреварувачката 1986/87 година стигнал и до шампионската титула во Југославија.
Првото независно собрание на Фудбалскиот сојуз на Македонија во независна Република Маедонија се одржало на 7 февруари 1993 година. Македонија станува полноправна членка на ФИФА и УЕФА во 1994 година.
Првиот официјален натпревар на Македонската фудбалска репрезентација по независноста се одиграл во Крањ, Словенија на 13 Октомври 1993 против репрезентацијата на Словенија. Натпреварот завршил со победа од 4:1 за Македонија, а стрелец на првиот гол за Македонија бил Зоран Бошковски – Чоко. Почнувајќи од квалификациите за европското првенство 1996 па навака, Македонија учествува на сите натпревари на ФИФА и УЕФА.
Прв шампион во независна Македонија бил ФК Вардар од Скопје (сезона 1992/93). Истата екипа го освои и првиот фудбалски Куп на Македонија (1993) совладувајќи го во финалето битолски Пелистер.
Н.Т.