Ѓоко Таневски кој со концерт ќе прослави 30 години кариера открива - зошто побегна од Скопје
Музиката е постојана константа што го обележува неговиот живот 30 години. Во средината на девдесетите години почна да се наметнува на сцената пред се‘ со фестивалски настапи. Иако веднаш се стекна со имиџот на добро и скромно момче со одличен вокал, му беше потребен подолг период на искачување до врвот и до позицијата што ја заслужува. Градејќи ја својата кариера доживеал убави мигови, но често се наоѓал во ситуации кога не можејќи да најде решение посакувал да се откаже од неа.
- За среќа тоа никогаш не се случи, затоа што кога ќе размислев подобро и со поладна глава сфаќав дека сакам само да пејам и тоа најдобро знам да го работам. Сум се обидел да се занимавам и со друга професија. Но, искрено не ме бидува. Има една песна во која пеам "Никогаш доста". Таа е одраз на моите размислувања поврзани со професијата. Едноставно кажано, се‘ додека ме служи здравјето, нема да се откажам од музиката и од пеењето - посочува Ѓоко.
Никогаш доста“, „Збогум најмила“, „Една љубов имам“, „Цветај расцветај“, „Ден по ден“... само дел од хитовите кои ја одбележаа 30-годишната кариера на Ѓоко Танески. Токму овој голем јубилеј е повод за неговиот солистички концерт насловен „Најдоброто од Ѓоко Танески“ закажан на 20 јули во Античкиот театар во родниот Охрид на пејачот. На сцената Ѓоко освен што ќе биде придружуван од Камерниот оркестар од Битола, ќе бидат присутни и неговите специјални гости Драган Мијалковски и Николче Мицевски.
- Ќе изведам дел од песните кои оставија белег во мојата кариера, создадени од различни автори. Музиката не можам да ја делам на подобра и полоша. Експериментирањето е присутно кај сите креативни луѓе. Да се остане само во еден свој музички свет , само по себе носи и опасност. Промените на авторскиот тим не би го дефинирал како експеримент, туку потрага и потреба за промена. Секоја чест на за сите автори со кои сум работел. Ќе продолжам да работам и во иднина, воден од инстиктот за квалитетна песна. Дали тоа е ризик или не ќе каже публиката – вели пејачот.
Во еден период живееше во Скопје, поради работните обврски поврзани со музиката. Но, реши да се врати во родниот Охрид.
-Живеев во Скопје 10 годни. Се обидовме со жена ми таму да создадеме свој дом. Ни се роди и првата ќерка Анастасија. Кога наполни две години решивме да се вратиме во Охрид. Тоа беше нашата најдобра одлука. Најглавна причина беше загадениот воздух. Решивме нашата ќерка да расте во чиста и здрава средина, како што е Охрид. Поради мојата музичка кариера, сметав дека е најдобро да сум во главниот град во центарот на случувањата. Но, ако работиш со љубов, ако се вложиш максимално во музиката публиката тоа го препознава, без разлика каде живееш..
- Се трудам моето слободно време да го поминам со семејството и со пријателите, од кои ја црпам енергијата. Двете ќерки се многу музикални и убаво пејат. Помладата Михаела која има 12 свири свири клавир и планира да се запише во средно музичко училиште. Постарата Анастасија е четири години постара. Таа сака да студира стоматологија – открива Таневски.
Соња Алексоска Неделковска