Ѓоковиќ официјално влезе во фудбалот, стана ко-сопственик на француски клуб

Добро е познато колку Новак Ѓоковиќ го сака фудбалот, а сега и официјално стана дел од „најважната споредна работа на светот“.

Како што објавија светските медиуми, најдобриот тенисер на сите времиња стана ко-сопственик на францускиот второлигаш Ле Ман.

Српскиот тенисер често се гледа на фудбалски натпревари низ цела Европа и светот, често самиот трча по топката, а познато е и дека има „свој“ клуб во речиси секоја голема лига.

Тој навива за Црвена Ѕвезда, но ги следи и Милан во Италија, Реал Мадрид во Шпанија, Монако во Франција, Бенфика во Португалија...

Покрај Ѓоковиќ, акции во клубот имаат и поранешните возачи на Формула 1, Фелипе Маса и Кевин Магнусен.



Овој град на северозападот од Франција е најпознат по познатата трка со автомобили „24 часа Ле Ман“, но има и респектабилен фудбалски клуб, кој минатата сезона обезбеди враќање во Втората лига на Франција (Лига 2).

Легендарниот голгетер на Челзи, Дидие Дрогба, некогаш ја започна својата професионална кариера во овој клуб. Неговиот дрес го носеше и поранешниот репрезентативец на Србија и Црна Гора, Марко Баша, додека денес првиот тим го сочинуваат претежно француски фудбалери.

Прекарот на клубот е „Музичарите“ (Les Mucistes), тие се нарекуваат и „Крв и злато“ (Les Sang et Or).

Бразилците се новите сопственици

Медиумите известуваат дека новите сопственици на овој клуб се бразилскиот бизнисмен Георгиос Франгулис, основач и извршен директор на компанијата OAKBERRY, и бразилската инвестициска фирма OutField, и дека Ѓоковиќ, Маса и Магнусен ќе им се придружат како инвеститори и советници. Франгулис ќе биде и директор за брендирање, работејќи заедно со долгогодишниот менаџер на клубот Тиери Гомез за да ги подобрат перформансите и глобалниот профил на клубот.

Нивната визија е да го искористат богатото наследство на градот во мотоспортот и да го комбинираат со фудбалот. OutField има долгогодишно искуство во управувањето со професионални бразилски клубови како Коритиба.


FOTO: EPA/NEIL HALL EDITORIAL USE ONLY