Голден Арт „затвори“ уште две позиции во тимот, потпишаа Виларов и Трајковски
Старо новиот член на нај квалитетното ракометно натпреварување во Македонија, Голден Арт, ги засили двете позиции пивот и голман во својот тим со двајца млади македонски ракометари, Марко Трајковски и Петар Виларов. По продолжувањето на договорот со капитенот Глигор Гајиќ и претходно договорените Мице Шилегов и Дејан Гошевски, Голден Арт ги засили позициите на кои во моментов ги има искусниот Златко Даскалоски и стандардниот Давид Даев. Голманската позиција по завршувањето на сезоната ја напушти Виктор Василевски, додека на пивотменската позиција клубот покрај Даев, како опција, имаше играчи од младинската школа.
Марко Трајковски во минатите неколку години беше член на екипите на Пролет, Бутел, Јуниор и Тиквеш, а последните шест месеци ги помина во супер лигата, во тимот на Прилеп.
- "Исклучително сум задоволен што во следните две години ќе бидам дел од Голден Арт, проект кој е многу амбициозен и особено внимание посветува на развој и надградба на македонски ракометари. Се надевам дека во новиот клуб ќе напредувам како играч и дека ќе дадам допринос во идните успеси на клубот во најсилната лига во Македонија" - изјави младиот Трајковски за официјалните медиуми на клубот.
Скопјанецот Петар Виларов ја помина школата на Вардар, од каде замина во Бутел, а преку Работнички минатата сезона пристапи на Јуниор КВ, каде беше стандарден првотимец.
-"Ја користам оваа прилика да искажам задоволство од пристапување кон клуб кој од година во година расте и се развива, и клуб кој има амбиции да биде стабилен член на супер лигата. Ќе дадам се од себе да ги оствариме зацртаните цели, првенствено опстанок на клубот помеѓу најдобрите македонски екипи. Голден Арт изминатите години вложува во создавање услови за напредок на секој поединец и организациски е високо поставен" - изјави Виларов веднаш по потпишување на двегодишниот договор со тимот од Општина Аеродром.