Големите христијански чуда во Македонија: Исконски знаци

Македонија има околу 2000 цркви и манастири. Распространети на целата територија, тие се храмови на православната христијанската религија во кои верниците го наоѓаат спасот, бараат прошка, среќа, духовно се исполнуваат.

– Бог е оној кој прави чуда. Тој во секое време испраќа знаци до својот народ, велат свештениците.

Најголемиото чудо во Христијанската црква, до ден денес е Воскресението христово. Два милениума подоцна, науката нема одговор за ова најголемо чудо, кое денес е темел на христиајнската вера. Но и животот на Исус, но и годините подоцна запишале многу, за науката и природата необјасниви појави. Сите тие во Црквата се дефинирани како чуда. Не се непозната карактеристика, но религијата нив секогаш ги толкува како порака.

Но, ако ги прашате верниците и свештените лица, ќе ви кажат дека и во Македонија, во црквите и манастирите на Македонската православна црква се случувале многу чуда, кои се поврзани со мироточење на икони, со нивно осветлување, како и со лекување на деца и возрасни.

Иконата на свети Јован во Бигорскиот манастир

За иконата на свети Јован се говори дека лебдела над изворот со вода, каде што сега се наоѓаат трите чешми во Бигорскиот манастир. Овој манастир неколкупати бил оштетуван, но таа икона никогаш не била оштетувана.

Зрачејќи на влезот во храмот, во сребрен, сјаен оков и преукрасена со дарови од благодарност, поради многубројните чуда, иконата, како непресушен извор, велат дека излева благодат која чудотвори.

Секој дар крие вистинита приказна  зад себе. Бројните сребрени медалјони во облик на бебе сведочат дека Свети Јован израдувал многу бездетни родители, дарувајќи им деца.

Иконата на Пресвета Богородица мироточи

Верниците кои ја посетиле црквата во скопското село Трубарево вчера можеле да се уверат во веродостојноста на мироточението на иконата на „Пресвета Богородица“.

Еден од свештениците со памук ги допирал капките миро на иконата и им го давал на верниците да го носат дома за здравје. 

Тоа е последното чудо кое што беше потврдено од страна на МПЦ. Мироточење од икони имало и во минатото, но честопати за тоа во јавноста не се разговарало во во овој обем.

Чисти фрески во црквата „Свети Димитириј“

Пред неколку години се случи спектакуларно чистење на фреските во црквата „Свети Димитрија“ во Скопје. На нив со години се таложел чадот од свеќите и од кандилата. Но, постепено, верниците велат дека самите од себе осветлиле. 

На нив преовладуваат златната и црвената боја. На некои делови од фреските црвената боја е толку јака што личи како светците да крварат. Свештениците велат дека некои од иконите се стари 100 години, а некои се направени по земјотресот во 1963 година. Според историски податоци, црквата „Свети Димитрија“ постоела уште во средниот век. Во 1690 година била напуштена, а од 1886 до 1896 година била обновена, проширена и преосветена.

Во некои периоди црквата била катедрална и во неа била сместена и скопската митрополија.

Лековитото масло од гробот на Гаврил Лесновски

Велат дека чудо се случило кога малата Лора од Кочани повторно проодела по молитвата и помазување со маслото од гробот на епископот Гаврил Светогорец. Нејзините родители биле изнемоштени од нападите и болките кои ги имала нивната ќерка. Дошле во манастирот барајќи ја последната надеж. 

Гробот на епископот Гаврил Светогорец се наоѓа зад плаштаницата во црквата. Тоа место сега е најбарано од посетителите. Веднаш до гробот на отец Гаврил се наоѓа и гробот на неговиот татко, отец Кирил, кој по смртта на мајката на Гаврил дошол во црквата и се замонашил заедно со синот. Отец Гаврил станал духовен отец на својот биолошки татко.

Чудата на Свети Наум

Најпознато чудо, од многуте, кое и денес се раскажува меѓу народот, запишано и од страна на Кузман Шапкарев, е приказната за волот и мечката, настан овековечен на фреската во охридскиот манастир посветен на Свети Наум.

Една мечка се намерачила на волот на слугата што го орал вакавскиот (манастирски) имот и го изела. Човекот се пожалил на Свети Наум и тој за кратко време ја нашол мечката и за уште пократко, ја припитомол. Па, ја спрегнал за казна заедно со волот три години да ора. 

Меѓу месното население и денес се прикажува дека ни брод, ниту автобус не тргнува ако во него има крадец. Тоа најчесто се обистинува на денот на Свети Наум, верскиот празник 2 јули кога во манастирот се врши служба, се собираат верници, луѓето за здравје преспиваат во црквата… 

Верниците велат дека светецот лечи од разни болести и дека треба силна молитва, верба и голема желба за да се деси чудото. А, такви чуда според многумина се обвистиниле. Многу оздравени од сериозни болести...

Во три македонски манастири: Делови од крстот на кој бил распнат Исус

Според преданието за светиот крст е запишано дека пронаоѓањето и разделувањето на чесниот крст се случило во времето на „Св. Константин и Елена“. Имено, кралицата отишла на местото на распетието да го пронајде крстот, но никој не кажувал каде бил закопан. Таа сепак успеала да ја дознае приказната од еден старец.

Откако ги пронашле трите крста, едниот на Исус, а другите два од разбојниците кои биле распнати заедно со него, тие ги поставиле на патот по кој требало да помине една погребна поворка. При пренесување на мртвиот, кога го донеле пред исусовот крст тој оживеал и тоа било доказ кој од трите крста му припаѓал на Исус Христос.

Кралицата Елена го однела крстот во својата престолнина од каде патријархот Кирил Ерусалимски разделил стотици парчиња како световни реликти кои треба да го чуваат и закрепуваат темелот на Христијанските цркви и вера.

Во неколку манастири во Македонија се верува дека има делови од светиот крст на кој бил распнат Исус Христос. Меѓу нив се манастирите Св. Јован Бигорски, Св. Ѓорѓи Победоносец во Рајчица, и св. Богородица Пречиста во Кичево. 

Честичка од Чесниот крст Бигорскиот манастир ја има од 1836 година, кога Хаџи Наке од Беличица ги донел од Цариград чесните мошти на претечата, свети Јаков, брат Божји, и другите осум што се чуваат во кивотот во Собониот храм. Таа е вметната во иконата „Воздвижение“ во храмот во Рајчица што е изработена во 2002 година, а е добиена година порано од старо скопско семејство со традиција на аџии и ним им ја предала аџика Нацка.