Горан Стефановски се врати дома: Спомен-клупата поставена во Дебар Маало
По речиси една година во изработка и повеќе месеци во кои поставувањето беше одложено поради пандемијата на КОВИД-19, спомен-клупата на македонскиот драматург Горан Стефановски конечно го најде својот дом. Во Дебар Маало, точно пред зградата на Општина Центар, поставен е споменикот којшто симболично опишува една од најзначајните личности во областа на културата и уметноста од земјата – седнат на клупа и со поглед кон неговото Скопје, коешто толку многу го сакаше и каде секогаш со радост се враќаше.
Бронзената статуа со ликот на Стефановски беше изработена од скулпторот Стивен Мелтон, во леарницата Spacer во Маргејт, Англија. Таа е донација од Македонски Телеком кој, како еден од најголемите поддржувачи на културата, му подари на Скопје вечно обележје на еден од неговите најпознати жители.
„За жал, поради новите мерки нема да има јавен настан за отворањето. Но, сигурно така и требало да биде, бидејќи Горан секогаш се враќаше во Скопје тивко и ненајавено – едноставно си сакаше да се појави (всушност, никогаш не се сметаше за отсутен). Горан би требало да биде поставен на своето место каде што ќе ве чека за седенка и муабет. Кога ќе бидете во можност, отидете да го поздравите“ напиша Игор Стефановски, синот на познатиот драматург.
Горан зад себе остави богато литературно наследство. Неговиот збор и креативен ум оставија траен белег врз македонската литература и култура. Тој допре до сите љубители на пишаниот збор и театарската игра преку своите најпознати драми „Диво Месо“, „Јане Задрогаз“ и „Демонот од Дебар Маало“, но на читателите им ги остави и „Хај-Фај“, „Дупло дно“ и „Лет во место“. Бројните есеи и критики коишто ги напиша во текот на својот живот и понатаму се читаат и објавуваат, а многуте награди како „Војдан Чернодрински“ и „11 Октомври“ само ја покажуваат неговата уметничка големина. Стефановски не ги забораваше ниту најмладите, на кои им ја остави „Бушавата азбука“, една од најпопуларните македонски ТВ-серии преку која повеќе генерации на деца низ игра и песна научија да пишуваат и читаат.
Последните неколку години од животот Горан ги помина во Англија, но често се враќаше во Скопје. Оние кои добро го познаваат велат дека не само што тој секогаш имаше време за Скопје и омиленото Дебар Маало, туку го носеше со себе во срцето за никогаш да не му недостасува. Горан Стефановски последните денови ги помина во Кентербери, Англија, каде што и почина на 27 ноември 2018 година, на 66-годишна возраст.
Општина Центар пред две години соопшти дека во Дебар Маало ќе биде подигнат споменик на Горан Стефановски. Одлуката беше донесена од страна на Советот, а по иницијатива на Македонската академија на науките и уметностите. Иако пандемијата го одложи поставувањето на спомен-клупата, Скопје конечно го доби спомен-обележјето на човекот со кого овој град неизмерно се гордееше. Горан е повторно дома.