„Гостинот“ во кичевско си седел во викендица без кирија: Го пронашле во креветот, заедно со „сопругата и децата“

Пред да ја посетите викендичката на село, наследена од твојата баба или дедо, каде што одреден подолг период никој не престојувал во неа, треба да бидете посебно внимателни.

Летниот период е време кога инсектите, влекачите, па и останатите животинки се поактивни. Нема да е чудно доколку токму во вашата викендичка бидете сведок на „непоканет гостин“, кој може да предизвика непријатност.

Сведоци сме биле на приказни каде сопствениците на викендичките наоѓале глодари, змии па и осила во оџаците.

За една таква непријатна средба сведоци биле сопственици на викенд-куќа во кичевско, која иако почесто ја посетуваат, ова лето нивната посета била поретка. Необичната приказна и средбата за прв пат со ваков вид на животно ја испратија до редакцијата на Женски магазин, и апелираат за сите кои имаат викендички пред да престојуваат во нив добро да ги проверат.

Првиот симптом дека нешто се случува во викендичката била отворената врата од шпоретот за дрва кој бил сместен во кујната. Помислата да влезе нешто преку оџакот не им била ниту на крај на памет. Ваквата затекната ситуација ја препишале на силниот ветер.

Иако во текот не денот не забележале нешто што може да биде сомнително, во вечерните часови кога си легнале, слушнале шушкање. Се посомневале дека станува збор за змија, па стравот и паниката почнале да преовладуваат.

Кога се обиделе да го поместат креветот, на ѕидот од собата се појавило животинче слично на глушец, меѓутоа со чудна бушава опашка. Првиот впечаток бил дека станува збор за верверица. Меѓутоа според брзината на движење и изгледот, сфатиле дека станува збор за нешто друго.

Иако било брзо успале да го заловат со мрежа, и да го пуштат на слободна. Според сведочењето на сопствениците на викендичката, станува збор за полв, животно од родот на глодачите, слично на верверица.

Но нивната голгота која траела до доцна во ноќните часови со „непоканетите гости“ не завршила тука.

Во еден од креветите во дневната соба, се слушало цивкање и повторно шушкање. Откако одлучиле да го изнесат креветот надвор, во внатрешниот дел на сунѓерот ја пронашле и мајката со неколку штотуку родени бебиња. Била сместена во гнездо направено од сува трева, листови, желади, ореви, лешници.

Инаку, обичниот полв живее во планинските шуми во нашата земја каде се наоѓаат дебели и шупливи стебла.

Овие сопственици велат дека не е прв пат да имаат непријатна ситуација со некое животинче бидејќи нивната куќа е сместена во поизолирана средина. Пред неколку години во гнездото направено од ластовица на терасата, забележале смок кој трагајќи по храна, успеал да влезе во гнездото и да ги изеде јајцата на ластовиците.

Во должина може да израсне до 30 cm, а опашката му е долга околу 10 cm. Се храни со желади, костени, ореви, лешници и разно овошје. Зимата ја минува во длабок зимски сон.

По главата и по горниот дел од телото е пепеласто-сив, а по вратот и стомакот бел. Очите му се црни и издадени.

Обичниот полв во некои планински делови на поранешна Југославија се ловеле, а нивното месо го користеле како деликатес. Исто така нивното крзно е доста ценето.

Г.Д.Г