ХУМАНИ ГРАЃАНИ ВНИМАВАЈТЕ, ЛАЖНА ВЕБ СТРАНИЦА НА ФЗО - има за цел да ги украде вашите лични и финансиски податоци, а ова е вистинската страница

Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги известува граѓаните за сериозна фишинг измама која се одвива преку лажна веб-страница со адреса fzom.net. Оваа веб-страница се претставува како официјална страница на ФЗОМ (fzo.org.mk) и има за цел да украде лични и финансиски податоци на граѓаните, се вели во соопштението од ФЗО.
Измамниците преку fzom.net се обидуваат да ги измамат граѓаните да ги внесат своите: Лични податоци (име, презиме, матичен број, адреса), податоци за здравствено осигурување, податоци за банкарски сметки и кредитни картички, и кориснички имиња и лозинки.
ФЗОМ ги предупредува граѓаните да не ги внесуваат своите лични податоци на веб-страницата fzom.net. Официјалната веб-страница на Фондот е исклучиво fzo.org.mk.
Оттаму додаават внимателно да се провери веб-адресата пред да се внесе какви било лични податоци, да не се клика на линкови од сомнителни е-пошти или пораки.
„Не споделувајте ги вашите кориснички имиња и лозинки со никого. Пријавете ги сите сомнителни активности на ФЗОМ или во најблиската полициска станица. Официјалната веб страна на ФЗОМ никогаш нема да побара од вас внесување на банкарски податоци, велат од ФЗО“, се вели во објавата од Фондот за здравствено осигурување.
ФЗОМ веќе презема мерки за да ја блокира оваа лажна веб-страница и да ги заштити граѓаните. Фондот соработува со надлежните органи за да ги идентификува и казни сторителите на оваа измама. За дополнителни информации и пријавување на сомнителни активности, граѓаните можат да се обратат на:
• Официјалната веб-страница на ФЗОМ: fzo.org.mk
• Телефонскиот број на ФЗОМ:
• 02 3289 000
• Е-пошта: info@fzo.org.mk