„I Do Care“ - Ајде да зборуваме реално за ракот - поддржано од Women’secret!
Со оваа мисла, поддржани од брендот Women’secret и нивната кампања „I Do Care“под закрила на групацијата Fashion Group, тргнавме во реализирањето на една дружба која направи спој на емоции, емпатија, желба за подобро и пораки здравје вредни!
Секој октомври се зборува за тоа како треба да се даде поддршка во борбата против ракот, за навременото прегледување, за сето она што го знаеме или не знаеме, но не сакаме да си признаеме, а станува минливо. Затоа што нели, има време, ќе дојде и некој друг октомври...
Но, кога ќе се соочите со реални искуства, кога во очи гледате жени лавици кои без задршка и разубавување ви го споделуваат она за кое многумина други би молчеле, тогаш работите добиваат поинакво светло.
Ја имавме честа да се запознаеме со Наташа Бабулова Ангелеска, во придружба на својата ќерка Тамара, Атиџе Шалал и Ели Стојанова , кои со нас ја споделија нивната лична приказна и за тоа како ракот во еден период од нивниот живот станува реалност и секојдневие кое треба да го надминат. И успеваат не само да го надминат, туку да покажат дека канцерот можеби те менува, но не те дефинира како личност. Ниту пак треба. Ти си - тие се, многу повеќе од нивната болест!
Едната вели, во главата својата болест ја поистоветила со бременост:
„Секој во бременоста со својот к'смет, па така и мојот рак со неговиот“, низ шега вели Наташа.
Сите три се согласија во тоа дека позитивната мисла е половина лек, како и тоа дека поддршката од саканите и семејството е исклучително важна.
„Мојот сопруг беше со мене кога ја правев операцијата. Ќерките ми живеат во странство, а тој работи во Багдад и мораше да се врати. Но, едната ќерка се врати и беше со мене постојано за време на хемотерапиите, а втората доаѓаше на секој 21 ден, кога требаше да ја примам следната, така што иако сама живеам тука, тогаш не бев и имав поддршка која што значи!“ - вели Атиџе која издвоила двојна победа против ракот.
„Јас имав прво рак на дебело црево и тоа беше едно комплицирано искуство од кое сепак се опоравив. На преглед на гради отидов со другарките од јога, во сосема неврзан разговор, бидејќи дознавме дека има бесплатен скрининг. Сите се вратија дома, а мене ми соопштија дека имам рак на дојка во втор А стадиум. Со мојот доктор онколог се пошегував и му велам: Јас имам љубовник, ракот многу ме сака, еве пак ми се врати, не може без мене“, а тој ми вели: „Време е да ти го сменам љубовникот и веќе да не го гледаш“...
Наташа дојде во придружба на својата ќерка, а двете споделија за важноста на психолошката поддршка во текот на лекувањето од канцер.
„На клиниката за онкологија имавме понудена помош, но ние дополнително работевме и со друг психолог. Исклучително е важно да се зборува. И исклучително е важно да не се предадеш на тоа дека си болен. Јас освен првата недела кога многу тешко го поднесов процесот на хемотерапија и ми беше потребно да одморам, после тоа се вратив на своите обврски и секојдневие и во тој период верувам ги создадов и најубавите свои дела“, споделува Наташа, а на неа се надоврза и младата Тамара:
„Многу е важно да имате некој да ве разбере. Јас немав во моето опкружување никој со кој би можела да зборувам. Никој во училиштето не можеше да ме разбере ниту пак пројавуваше некој интерес да зборува за тоа. Дури и како да бегаат од тебе. Кога ќе се соочиш со ситуација во каква ние се најдовме, кога ќе го ставиш родителот во иста мисла со смртта, кога ќе го видиш без коса, а јас себеси не можам да се замислам таква, кога ќе ја видев мајка ми колку е силна, сфаќаш дека мораш да ја надминеш секоја препрека која животот ти ја носи. Тоа што им е на моите врсници интересно или смешно, кој што кажал или направил, дали ноктите ми одговараат со ташната - мене ми е тоа неважно! Затоа јас и тогаш и сега, за овие работи можам да разговарам само со мојата мајка која е мојот најдобар пријател засекогаш“!
За професионални совети и другата страна на приказната разговараше доктор Даниела Поповска, онколог и радиотерапевт која вели дека и покрај напорите, се' уште многу треба да се работи на кревањето на свеста пред се' за редовните прегледи и самопрегледи.
„Секоја година имаме околу 1.200 нови пациенти заболени од канцер, а најголемиот број се од канцер на дојка. За жал, многу од пациентките доаѓаат кога болеста веќе прогресирала во трет стадиум. Она што би сакала да го потенцирам е дека ракот не познава старосна граница. Иако “по правило“ се јавува кај жени околу 60 година, веќе одамна тоа не е нешто на што можеме да се потреме. Една од најмладите пациентки заболени од карцином на дојка годинава има 22 години. Многумина мислат дека ним нема да им се случи, но навистина оваа е болест која може буквално секому да му се случи и затоа неопходни се редовни прегледи“.
На оваа тема докторката споделува уште неколку корисни совети:
„Ехото и мамографијата се комплементарни прегледи. Не е доволно само едното да се направи. Особено ако сте жена која има 40+ години. Постојат промени што само ехото не може да ги детектира, затоа е потребно да се направат и двете. Доколку имате генетски предиспозиции за тоа, тогаш задолжително треба да се прават мамографиите. Многумина не се одлучуваат за нив, бидејќи сметаат дека се штетни, затоа што се работи за зрачење. Меѓутоа, не е така, особено ако се земе предвид низ што поминуваат жените на кои им се дијагностицира канцер. Превенцијата е клучна. Доколку се забележи промена, колку е порано детектирана, толку лекувањето ќе биде поефикасно, па и полесно“, потенцира д-р Поповска.
Ова го потврдуваат и трите дами полни со живот, хумор, смеа... Тие го сакаат животот и ја прифаќаат реалноста онаква каква што е. За ова говори и моментот дека ниту една од нив не се одлучила да носи перика и како велат „гордо си ја покажувале “ќелавицата““.
Нивното лекување се' уште трае. Многу поквалитетно го трошат своето време, многу повеќе вложуваат во своето здравје. Маката ги споила и сега си се поддршка една на друга и на уште многу други жени во нивната група „Пеперутки“.
Можеби некогаш не ни е до крај јасно зошто некои работи ни се случиле нам, но овие прекрасни дами ни дадоа уште една порака - да не се откажуваме од животот, да одиме редовно на контроли и никогаш да не престанеме да се сакаме себеси - со коса, без коса, со веѓи или без нив, слаби или елеганно пополнети од терапии и други “нус“ појави - ништо од тоа не е важно ако се сакаме од внатре и зрачиме љубов, како што тоа зрачат тие!
„Како што се грижиме за надворешниот изглед и за се' друго што ни е важно, така треба да се грижиме и за здравјето. Секоја жена треба да си води сметка за себе“, вели доктор Поповска!
И токму тоа е уште еден од начините на кои си покажуваме љубов кон себе секојдневно!
ПР објава