И мажите сакаат да ги покријат белите влакна: Стилистот Кипријанов за трендовите за коса

„Современите мажи ја негуваат својата коса и својот изглед. Сакаат да се во тренд, секогаш стокмени и со средена коса и брада. Кога пред 9 години започнав со работа, во салонот мажите доаѓаа поретко некако тогаш тие беа повеќе навикнати на берберски салони, денес тоа не е така, слободно можам да кажам дека мажите поредовно доаѓаат на шишање отколку дамите“, вели за Машки магазин стилистот, Станче Кипријанов.


Кипријанов истакнува дека кај поголем процент од мажите косата е шишана пократко и затоа побрзо се губи формата и токму затоа тие почесто одат на шишање.  „Времињата се сменија, средената коса денес не е луксуз туку потреба, особено редовни се луѓето кои се на функција, тие понекогаш и два пати во неделата доаѓаат на шишање или на средување на брадата, сепак и таа е дел од изгледот на еден современ маж. И посилниот пол како и дамите ги следат трендовите, сакаат да бидат со убава коса, со поголема самодоверба и спремни за акција“.

Го прашавме стилистот дали и мажите се предадоа на слабите нерви за време на карантинот и дали и тие посегнале по ножиците, или машинките за сами да си ја средат косата. Станче децидно ни одоговри дека повеќето од нив од убаво шишана коса веднаш отишле на шишање со машинка, народски кажано на кец или двојка. Но имало и мал број на мажи кои сепак издржале во карантинот и стрпливо го чекале денот кога ќе седнат на фризерското столче и да се препуштат во рацете на стилистите.


Како и дамите во последните неколку години и мажите прават драстични промени кај својата коса. „ За разлика од порано денес мажите сакаат да се фарбаат, некои се шатираат, трети ја кратат косата многу кратко а има и такви кои ја пуштат да расте, промени се прават како и кај жените“, искрен е стилистот и додава дека мажите се многу по одговорни, односно посилниот пол скоро никогаш не доцни на закажаниот термин, голем дел од нив неколку минути пред време биле во салон стрпливо чекајќи си го својот ред.


Летото полека но сигурно ќе го испратиме, пред нас е нова сезона, но Станче вели дека според него трендот ќе си остане ист, повторно мажите ќе се шишаат на степен, но додава дека бојата на фарбаната косата можеби нема да се избира во светли тонови, туку потемните есенски нијанси.

Кипријанов вели дека мажите се фарбаат и затоа што така сакаат да ги покријат своите бели влакна, проблем кој им создава главоболки на дамите, но според него дефинитвно  проблем кој ги мачи и средовечните мажи.

За крај стилистот истакнува дека како и кај сите професии така и тој како стилист минатата година посетил неколку обуки надвор од нашата земја, обуки на кои секогаш се учи нови техники, нови надоградувања, новитети, места на кои се диктира идната мода, идниот тренд, но годинава поради корона кризата обуките се одложени за некои подобри времиња.


Н.М.