Ѝ официјално: Се разведоа Бил и Мелинда Гејтс

Гејтс се венчаа во 1994 година и имаат три деца

Разводот на основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс и Мелинда Франс Гејтс, ко-основач на една од најголемите приватни фондации во светот, заврши пред судот во Сиетл, наведува „Бизнис инсајдер“.

Нивниот развод беше потпишан во понеделникот, со што заврши сагата што започна кога објавија дека се разделуваат во мај 2021 година.

Гејтс се венчаа во 1994 година и имаат три деца. Фокс во мај објави дека Мелинда Гејтс поднела барање за развод, наведувајќи дека нивниот брак е „непоправливо уништен“.

Бил и Мелинда Гејтс тогаш изјавија дека постигнале договор за поделба на заедничкиот имот и најавија дека ќе продолжат со заедничката филантропска работа, потсетува Ројтерс.

Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс со седиште во Сиетл, стана еден од највлијателните и најмоќните двигатели на глобалното јавно здравје во изминатите 20 години, трошејќи повеќе од 50 милијарди долари во борба против сиромаштијата и болестите.

Фондот вети околу 1,75 милијарди американски долари помош минатата година за борба против „Ковид-19“.

Не се објавени детали од договорот за развод во судот во Сиетл.


Фото: Reuters