И Св. Наум би се згрозил од неправдата: Манастирот е сведок
ОД МАКЕДОНИЈА ВО АЛБАНИЈА - 1926
Со потпишување на Договорот во Фиренца, во 1926 година, била променета дотогашната гранична линија помеѓу Албанија и Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) во вардарскиот дел на окупираната етногеографска и историска Македонија по Втората балканска војна.
Со Договорот од Фиренца Манастирот Св. Наум Охридски припаднал на Кралството СХС, а за возврат делот на Голо Брдо со 27 села, населени со етнички Македонци, преминал во границите на Албанија.
Во тоа време бројно македонско население, коишто живеелео во пограничниот дел на дебарско - охридскиот регион на денешна Албанија под притисок било иселено во северозападна Македонија. (с.с. Историска белешка)
Свети Наум Охридски Чудотворец (о. 830 - 23 декември 910) — средновековен научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската писменост и македонската писменост и просвета. Денес неговите мошти се изложени во по него наречениот манастир „Св. Наум“.
Животопис
Манастирот „Св. Наум Охридски“ на брегот на Охридското Езеро
Св. Наум потекнувал од богати и побожни родители, а поради љубовта кон христијанството, тој се откажал од наследството и се замонашил. Тој бил најмладиот ученик на светите Кирил и Методиј. Со нив, тој учествувал во Моравската мисија, а го ширел христијанството и во Панонија, Девол, Илирик и други краишта. По завршувањето на Моравската мисија, тој заминал во Првото Бугарско Царство, каде го поминал остатокот од својот живот. Првично тој живеел во престолнината Велики Преслав, каде се приклучил во работата на Преславската книжевна школа. Подоцна Наум заминал во Охрид, каде му се приклучил на св. Климент во работата на Охридската книжевна школа.
Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Како еден од најдаровитите ученици на браќата Кирил и Методиј, во 893 година, кога Климент бил назначен од бугарскиот цар Борис I за словенски епископ во Дрембица и Велика, на неговото учителско место во Кутмичевица бил назначен св. Наум Охридски, кој раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на свети Архангел Михаил. Во манастирот, св. Наум собрал големо монашко братство.
Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На св. Наум Охридски му се припишуваат делата:
Канонот за апостолот Андреј; и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.
Свети Наум Охридски Чудотворецот починал на 23 декември 910 година, во манастирот „Свети Наум“, на возраст од 80 години и бил погребан лично од св. Климент во манастирската црква.
Култот на св. Наум
Светите Седмочисленици од црквата на манастирот Св Наум, Охрид, 1806
Набрзо по смртта, Наум бил канонизиран за светец, поради чудата кои се случувале на неговиот гроб и во манастирот, а култот за него започнал да се шири во Македонија, како и во Бугарија, Албанија и Грција.
Во посланието на охридскиот архиепископ Јосиф од 21 мај 1740 година се вели дека „чудата и благодатите на свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото“. Сепак, првите легенди и преданија за неговите чуда биле објавени во втората половина на 19 век. Во 1925 година, српскиот епископ во Охрид, владиката Николај, издал книшка со триесет чуда, преданија и кажувања за св. Наум, пишувајќи дека „Св. Наум е почитуван и живее како опомена и совест во душите на луѓето“. Во една легенда се вели дека охридскиот цар му го изградил манастирот на св. Наум, додека во друга легенда, запишана од Бранислав Нушиќ, се вели дека манастирот бил царски дворец кој св. Наум го добил како подарок за излекувањето на царската ќерка.