Има простор за физичка дистанца: "Авалон" за протоколите пред вечерашниот Deeper Underground фестивал"

Фестивалот Deeper Underground, 100% ќе ги следи протоколите одобрени од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за превенција од Ковид 19, а истиот ќе се одржи вечерва на паркингот кај Аква паркот, кај А1 Арената", вели Ивана Нолчева од "Авалон продукција". 

Од продукцијата велат дека просторот е доволно голем за секој посетител да може да одржува физичка дистанца и соодветно да се придржува на мерките што се одобрени за одржување на јавни настани на отворено. "На влез протоколите се следни: Проверка на температура на самиот влез од лица соодветно опремени со заштитна опрема, потоа се прави проверка на билетите, а третата фаза е задолжителна дезинфекција пред да влезат посетителите на локацијата. 

Откако ќе се поминат овие три фази, посетителите влегуваат на venue и завземаат позиција со соодветна оддалеченост од останатите посетители и групи. Дистанцата е многу важно да се одржува, а носењето заштитни маски е задолжително за сите што ќе дојдат на фестивалот",ни изјави Нолчева. 

 Доколку некој не ги почитува протоколите, овластените лица задолжени за безбедноста, се должни да ги опоменат посетителите дека правилата мора да се почитуваат. "Авалон Продукција има голема база на поддржувачи којашто макотрпно ја има стекнато и докажано во овие две децении. 

Како професионална и одговорна компанија и како најголема промотерска куќа во Македонија и пошироко, сакаме да потенцираме но и да ги увериме сите што се` уште се двоумат да дојдат на концерт, дека нашите настани се безбедни. 

Впрочем, концертите на Амира Медуњанин во Охрид и во Битола се светол пример за беспрекорна и безбедна организација на концертите во Македонија, а и концертите на Дарко Рундек што треба да се случат денес и утре во Хераклеа- Битола и во Античкиот театар во Охрид, ќе го потврдат тоа. Логистичката мајсторија сега најмногу ја покажува поделбата и хиерархијата во овој бизнис и во вакви услови денес не може било кој да спроведе концерт, а веруваме дека тоа е повеќе од јасно кај народот. 

Концертите во време на пандемија се сила која не` здружува сите подеднакво- промотерите, артистите и фановите и ни покажува дека заедно ги носиме убавините, авантурите, адреналинот и ризикот кој доаѓа со нив", додаде Нолчева. 

(М.Џ.)