Имам што да покажам, убава девојка сум: Конопова за експлицитните фотографии
Моника Конопова (Ристеска) - „девојката со џоинтот“, гласен говорник за легализација на марихуана, активист, дипломиран новинар и магистер по филмска продукција, деновиве објави експлицитни фотографии од нејзе на Твитер и предизвика огромно внимание. Повторно.
Без влакна на јазикот, сурово искрена за Женски магазин ја открива вистинската приказна која стои позади она што го прави на социјалните мрежи, а за многумина е шокантно и неоправдано.
Моника беше двапати уапсена и осудувана поради поседување на марихуана.
- Првиот пат добив условна казна од 5 години со 2 години затвор, а вториот пат не ми простија и ме осудија на една година за 14 грама марихуана...
За јавноста e позната како девојката со џоинтот, вели дека се гордее со таа етикета, а и беше доделена кога спонтано одлучила да се сними како пуши џоинт на улица (видео во живо на Фејсбук), додека одела на разговор за работа.
Но сепак смета дека и била нанесена неправда со тоа што беше осудена на казна затвор, бидејќи покрај нехуманите услови таму, вели дека тешко е сега да најде работа бидејќи е обележана со криминално досие.
-Сега како и пред да ме затворат, работам симултани и судски преводи, бидејќи сум судски преведувач за македонски-полски јазик и обратно, се снаоѓам, плус тешко е да се најде работа кога веќе си обележан со криминално досие... Но, не престанувам да верувам во себе, во моите квалификации и во она што го правев и правам, и навистина сметам дека ми е нанесена голема неправда со тоа што бев осудена на цела година затвор! Додека на компаниите кои имаат лиценца може да се каже легално им цвета бизнисот, јас за 14 грама цвет од канабис за лична употреба најден во мојот дом, добив цела година, опкружена со тешки злосторници, во мизерни услови со затворска служба за обезбедување која се однесува крајно нехумано... Но, ете издржав, Бог и ангелите се на моја страна, јас само сакам најлековитото растение на планетава целосно да се ослободи!
Тие што сакаа да работам за/со нив и претходно сега сакаат уште повеќе затоа што сум исполнителна личност која цврсто стои зад своите ставови. Целта ми е да работам во легалниот канабис бизнис, а на тие луѓе им е потребно моето знаење, па моето досие толку не им пречи.
Сега Конопова како активист за легализација на марихуана, има за цел да привлече што е можно повеќе следбеници на социјалните мрежи.
Твитерџиите и помогнаа, а Моника како што вети ги објави експлицитните фотографии од себе.
- Ги користам сите можни начини за да привлечам внимание за што е можно повеќе болни да можат да стигнат до корисните информации околу канабисот коишто секојдневно ги објавувам. Јас несебично го давам моето над 10 годишно искуство и собрана теорија во мојата глава. Ја жртвував слободата, па зашто да не го жртвувам и угледот, кога и така веќе сум „будала“ ќе бидам будала до крај. Голотијата за мене е уметност, начин на себе изразување и за мене е нешто нормално. Се раѓаме голи, а системот ни наметнува некои правила на „пристојност“. Подобро да си парталав и гол, а да имаш чисто срце и добра намера, отколку најубаво облечен, а да си злобен и злонамерен!
Моника раскажува дека кога најавила дека ќе објави експлицитни фотографии, се соочила со многу потсмев, но вели дека луѓето се навикнати таа да ги шокира.
-Но откако ги објавив, добив почит и лицемерие. Коментарите не можат да бидат лоши хехе затоа што имам што да покажам, убава девојка сум, а лошите коментари едноставно ги игнорирам. Што и да правиш во животот и да не правиш, секогаш некој нешто ќе зборува. Особено се зборува за тебе кога вредиш, кога си добар во нешто, од љубомора, од завист, бидејќи се плашат да бидат храбри како мене. Позади добар коњ секогаш се дига многу прашина.
Конопова вели дека не и смета ни тоа што доста од коментарите на Твитер беа сексистички, затоа што смета дека живее во крајно конзервативно општество и тие коментари се само одраз на интелектот и свеста на испраќачот, така што, вели таа, со тоа можеме само да увидиме до каде сме, колку сме развиени, каква ни е свесноста и уште колку треба да се работи за да можеме да напредуваме и за да можеме барем малку да им парираме на развиените држави.
Конопова вели дека би глумела во еротски филм ако е добро платена и доколку биде со нејзиниот партнер.
- Па, зашто да не. Еднаш се живее и такви нешта треба да се прават токму во младоста, кога имаме на располагање здравои убаво тело и таков вид на потенцијал. Тоа е нешто нормално. Не верувам дека има човек што не гледа еротски филмови... И тоа за мене претставува еден вид на уметност и можеби би прифатила, но секако ако сум добро платена за тоа и би сакала таквиот филм да биде со мојот партнер.
Раскажува дека е во сериозна врска и дека нејзиниот партнер ја разбира.
-Ме запозна како ваква и знае дека сум ексцентрик со чудни идеи. Иако по малку му пречи тоа и по малку е љубоморен и понекогаш знае да ми се налути, сепак умее да се справи со тоа, бидејќи знае дека искрено го сакам со целото свое срце исто како што го сакам канабисот. Свесен е дека сум добра личност и дека сè што правам е за повисоки цели.
Вели дека би сакала да живее во Холандија, каде што нема да има никакви проблеми за пушење џоинт, затоа што таму тоа е нормално и дозволено.
-Доколку успејам овде да најдам добро платена работа, ќе останам и покрај конзервативизмот, но доколку не, Ете, најверојатно Република Северна Македонија ќе дозволи уште еден надпросечно интелигентен интелектуалец како мене со многу потенцијал и квалификации, да се исели во странство.
Таа раскажува дека се среќавала со секакви предрасуди и порано, пред да стане активист за канабис и бидејќи за себе смета дека е слободоумен човек, идеалист, па навикна е, „прво те плукаат и ти се смејат, потоа ти викаат браво и ти завидуваат... Такви се луѓето“ - вели таа.
Моника никогаш нема зборувано за вистинската причина зошто е поборник за легализација на марихуана, за нас открива:
- Јас прв пат пробав канабис кога бев во средно училиште и ми се допадна ефектот, поубаво спиев, бев посмирена, ми помогна да го смирам мојот избувлив и импулсивен темперамент, забележав дека подобро учам и дека генерално убаво се чувствувам. Тогаш прв пат се заинтересирав да прочитам нешто за канабисот. Налетав на многу митови, лаги и невистини, разни спротивставени ставови и за брзо ми стана јасно дека ова растение е намерно демонизирано од страна на големите светски сили, со цел да се продаваат штетни синтетички лекови со безброј несакани последици за пациентите да станат клиенти на фармацијата. Сфатив дека нашироко се користела оваа билка во медицината секаде во светот сè до 1936 година... Тогаш почнав темелно да истражувам! Тоа ме вовлече! Посакав на сите да им кажам дека се во заблуда и така започна сè, така станав активист, ги отворив страниците, блогот, потоа го регистрирав здружението „420 Македонија – Скопје“. Кога имав 20 години канабисот ми помогна да излезам од тешка депресија поради разделба со сакана личност, ми помогна да не се навлечам на тешки антидепресиви. Ме спаси, ме врати во живот, и тогаш на своја кожа се уверив во неговата моќ!
Вели дека ова го прави бидејќи смета дека во конопот е иднината, дека со тоа ќе се отворат многу работни места, па и многу од иселените Македонци ќе се вратат во татковината.
-Ја сакам Македонија иако сум само 50% Македонка, а 50% сум Полјакиња, таму сум родена. Имам многу истомисленици и сличномисленици, но и многу противници. Многумина ме поддржуваат и се гордеат со мене, за жал никој не е доволно храбар за да ми се придружи, за да застане цврсто до мене и заедно да бидеме во првите фронтови од борбата... Никој не сака да страда, никој не сака да крвари и да гине како мене... Но, верувам во пациентите и дека тие наскоро ќе станат јавно да си го побараат лекот! За нив се борам и верувамд ека ќе успејам, затоа што и сè до сега што се случуваше изминативе години е благодарение на мене, на неколку пациенти и на неколку други активисти од другите здруженија. Јас луѓето ги гледам како изгубени душички на кои им треба помош, а некои од нив ме гледаат како херој, а други како будала. Секогаш делото на човекот се цени најмногу откако ќе го нема повеќе на оваа планета меѓу живите, за жал...
Нејзината цел е дабиде успешна деловна жена, сака легално да работи во канабис индустријата, да го применува високото образование во пракса, да го ослободи конопот кај нас и во целиот свет, да се запише во историјата.. „Да сфатат дека смислата на животот е љубовта! Да сфатат дека конопот е Свето растение...“ - додава за крај.
*Р.Ж.М