Имав храброст да кажам некои работи што првпат ќе ги слушнат сите- Кирил Лазаров за автобиографската книга „ Секогаш на победа“
Кирил Лазаров. Ракометна легенда. Нема човек во нашата земја кој повеќепати не го скандирал неговото име. Гол машина. Мотиватор. Голем спортист, но и човек. Роден во Велес пред 41 година, десен бек, висок 193, тежок 93. Кариерата ја започнал во Овче Поле, па преку Борец, Пелистер, Веспрем и Загреб, стигнал до Атлетико Мадрид, Барселона и Нант. Прв ракометар кој станал најдобар стрелец и на Европско и на Светско првенство на ракомет. Најдобар стрелец во европските купови на сите времиња, со 1000 голови. Член на идеалниот тим на францускиот весник „Lequipe„ за најдобрите во Европа за 2021 година. Борбен, самоуверен, мудар, решителен, дисциплиниран, храбар. Голем во победите, а уште поголем во ретките порази. Секогаш на победа, секогаш за својата земја. Го гледаме за македонската репрезентација од 1998 година. За неа, на 232 натпревари постигнал неверојатни 1709 голови. Од оваа година е и селектор на Македонија. Игра и ги учи помладите ракометари. Точен како часовник, одмерен, елоквентен.
Животот и кариерата ги смести во автбиографската книга „ Секогаш на победа“ која синоќа ја промовираше во хотелот Александар Палас. Денеска ги зеде спакуваните куфери и отпатува за Египет со своите колеги, каде што Македонија ќе одигра два пријателски натпревари против еминентниот африкански домаќин.
-Трема имам и на спортските терени, ама и сега. Јас сум првiot македонски спортистшто издава книга. Треба храброст и сила да кажеш некои работи што првпат ќе ги слушнат сите. Книгата ја работевме 7-8 месеци. Во ниеден момент не се предомислив да сменам било што. Бев сигурен во себе сѐ да кажам. Мислам ќе биде интересна, особено за помладите генерации – истакна Лазаров на промоцијата на која присуствуваа неговите пријатели, соработници и ракометарите од македонската репрезентација.
Неговите колеги, соработници и пријатели на промоцијата не ги штедеа зборовите. Еминетниот српски ракометен новинар, Жика Богдановиќ кој е коавтор на книгата посочи дека ова дело треба да го прочитаат особено помладите ракометари.
- Мислев дека сѐ знам за Кире. Но, од книгата дознав многу повеќе. Таа е збирка на лекции како се доаѓа до успех. Се даде себеси и го препозна моментот кога треба да ја издаде во јавност. Кире е голем професионалец кој од Свети Николе до Барселона, доживеа и тешки мигови, но со нив знаеше да се избори.„ Секогаш на победа“ ќе биде промовирана и на српски и англиски јазик. Постои голем интерес за ова дело низ целиот свет - изјави Богдановиќ.
Филип Лазаров посочи дека во својот брат гледал идол и се присети на нивното детство.
-Кога му се спиеше, моравме сите да спиеме, а кога не - никој не спиеше – рече тој.
Живко Мукаетов, Претседател на Ракометната Федерација на Македонија, го нарече вистински професор од кој младите треба да учат и дополни дека е горд што стана и селектор.
Стојанче Стоилов истакна дека со Кирил различно го гледале светот и спортот. Но,тој му помогнал да биде тоа што е денес. Тренерот на Вардар 1961, Веселин Вујовиќ Лазаров го нарече столб и играч во кој веруваат екипата и тренерите. Ракометната легенда Пепи Манаскову му посака сѐ најдобро.Новинарот Зоран Мишевски го нарече револуционер во многу нешта.
За Кирил Лазаров знаеме речиси сѐ. Оваа констатација често ја истакнуваат новинарите, фановите и љубителите на ракометот. Но, откако ќе ја прочитате „Секогаш на победа“ , ќе сфатите дека многу нешта сепак не сте ги знаеле.
(С.А.Н)
Фото: Вангел ТануровскиГАЛЕРИЈА: