Имав можност да свирам пред Новак Ѓоковиќ, Ума Турман, Шарлиз Терон: Македонецот Виктор Ангелов со својата виолина го освојува светот

Препознатлив по неговите уникатни и енергични настапи со електрична виолина. Настапува на најразлични градови во светот, публиката ја освојува од прва, па така успеал со својата непосредност да ги шармира и холивудските диви Ума Турман и Шарлиз Терон.

Виктор Ангелов, по потекло од Македонија веќе извесен период живее и работи во Дубаи. Со одбран репертоар на песни, дел е од голем број забави кои се случуваат во оваа туристичка атракција.

Одблизу за Женски магазин, заедно со Виктор ви го носиме ноќниот живот во познатиот емират …

ЖМ: Судејќи според објавените видеа на вашиот Инстаграм профил, имате навистина богато музичко портфолио, поткрепено со атрактивни туристички локации. Енергичните настапи очигледно е вашата одлика, тоа го препишувате на одбраниот репертоар или пак на вас како личност?

- Енергичноста е комбинација од двата фактора. Репертоарот што го избирам е динамичен и полн со емоции, но верувам дека мојата енергија и страст за музиката се тоа што ја прави изведбата посебна. Сакам да ја пренесам таа енергија на публиката и да создадам незаборавна атмосфера.

ЖМ: Во моментов сте во Дубаи. Може ли да ни кажете со што ве освои овој емират и како изгледаат забавите и какви се реакциите на присутните на вашите перформанси?

- Дубаи плени со својата космополитска енергија, архитектонска грандиозност и културна разновидност. Настапите се карактеризираат со публика која знае да ја цени квалитетната изведба и ужива во истата. Друго нешто што ми е број еден на листата овде, е безбедноста во секој поглед.

ЖМ: Дали настапувате сами или пак имате придружба?

- Најчесто настапувам сам, но повремено соработувам со диџеи или други музичари, што додава дополнителна димензија на настапот.

ЖМ: Интересно и што ми остави впечаток е вашиот инструмент. Иако сме навикнати на оној класичен изглед на виолина, ова изгледа малку поинаку, која е приказната за овој инструмент?

- Станува збор за електрична виолина. Изборот на електрична виолина ми овозможува да експериментирам со звукот, да додадам ефекти и да создадам модерен звук што совршено се вклопува во различни музички жанрови.

ЖМ: Како се најдовте со Слаткар во Дубаи, случајно или пак со претходен договор?

- Се запознавме преку Next Time коишто се наши заеднички пријатели, а голем удел во средбата имаа организаторите на концертот на Слаткар овде во Дубаи, Дарко Петковски и Горан Митровски (менаџер на ултрапознатиот локал „Sushi Samba“). Хемијата веднаш беше очигледна. Брзо најдовме заеднички јазик во музиката и соработката се случи природно. За мене е огромна чест и задоволство што имам прилика да соработувам со нив затоа што сум растел со нивната музика. Јавна благодарност и поздрав, тие се врвни и ретко несебични уметници.

ЖМ: Си патувал на многу места досега, каде си се чувствувал најслободен и најкреативен?

- Секогаш кога сум покрај море и сонце, се чувствувам најинспирирано. Настапите на отворено, особено на места како Дубаи или некои европски градови, ми даваат чувство на слобода и креативност.

Целото интервју на ЖЕНСКИ МАГАЗИН