ИНОВАТИВНИ И ДИГИТАЛНИ РЕШЕНИЈА – Основна алатка за доближување на вистинската вредност на капитално финансираното пензиско осигурување
Маријан Николовски, Член на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД Скопје
Дигиталната револуција донесе бројни дигитални алатки и функционалности кои ја имаат моќта да ја подобрат деловната практика, како и да придонесат кон зголемување на ефикасноста на работењето. Колку може да се зборува за дигитализација кога станува збор за пензиско осигурување?
Дигитализацијата како процес кој е од посебно значење во сите области постепено,но сигурно, се воведува и во пензиското осигурување. Целта на дигиталните решенија е да вклучат широк спектар на можности преку кои ќе се доближат институциите до народот. Oдносно, да изградат мост помеѓу инволвираните страни, што би придонело кон зголемување и зајакнување на довербата во системот, што е од исклучителна важност.
Иако во услови на пандемија, Триглав пензиско друштво успеа да оствари значаен импакт во дејноста и стана препознаено како атрактивен избор за капитално финансирано пензиско осигурување на македонскиот пазар. Колку и дали дигитализацијата на процесите Ви овозможи да ги остварите Вашите замисли и планови?
Кризата со корона вирусот го смени светот преку ноќ. Едукацијата, работните состаноци, социјализацијата, целиот живот почна да се одвива дигитално. Дигиталната трансформација стана најголем приоритет. Како нови на пазарот, сепак, благодарение на групациската подршка и регулаторот на системот, Друштвото успеа многу брзо да се адаптира на новото „нормално“.
Иако ја подржувам констатацијата на Хелен Морис-Браун дека „Најуспешните врски се случуваат кога ќе се сретнеме лице в лице“, особено кога станува збор за пензиското осигурување, сепак изминатиот период нè научи на дигитализацијата да гледаме како процес кој континуирано ги зголемува можностите и отвора нови перспективи. Како најмлад член во системот на пензиско осигурување и, со оглед на фактот што се работи за чуствителна тема во која се вклучени различни категории на членови, може да кажеме дека дигиталните алатки ни го олеснија патот и ни овозможија полесен начин на комуникација и запознавање, посебно во услови во кои Друштвото го започна своето работење и кога физичките контакти беа сведени на најниско ниво. Сепак, сметам дека оптималниот сооднос, е клучот за успех.
Капитално финансираното пензиско осигурување е чуствителна тема и тема за која, искрено, младите немаат желба да зборуваат или немаат доволно информации кога се на почеток на работниот век. Оттука и прашањето колку дигиталните алатки го олеснуваат процесот на комуникација со младите, бидејќи тие се вистински засегнатите и треба да размислуваат на оваа важна тема?
Не би рекол дека немаат доволно информации, информациите се достапни и на дофат, за жал желбата и интересот да дојдат до нив е на многу ниско ниво. Затоа сметам дека нашиот вистински предизвик и една од основните задачи на сите институции во системот е едукативно да влијаеме на младите, да изнајдеме соодветен начин да им ја доближиме проблематиката и да го поттикнеме интересот за работи кои се навистина важни на долг рок и за вистинските вредности, а дигитализацијата значително го олеснува тој процес и ни овозможува да допреме до нив.
Триглав пензиско друштво АД Скопје, како најмал член на реномираната Групација Триглав, својата дејност ја започнува во април 2019 година, со што станува прв конкурентен оператор по повеќе од десет години од стартот на реформираниот пензиски систем. Кој беше вашиот предизвик да запливате во овие води?
Токму во Вашата констатација се наоѓа и дел од одговорот, прекрасна е можноста да направиш промени, да допринесеш за подобро утре и поубаво ново животно поглавје на новите генерации. Бидејќи пензионирањето е токму тоа, време за уживање.
Со оглед на моето претходно искуство, може да заклучите дека инвестиционите фондови се мојата пасија и постојан предизвик уште од самиот почеток на кариерата, а воедно да се биде дел од реномирана Групација како што е Триглав е предизвик самиот по себе и извор на постојана мотивација.
Во април одбележавте годишнина од започнувањето со работа на Триглав пензиско друштво АД Скопје. Како човек кој е во оваа приказна од нејзиниот почеток, кое е Вашето мислење дали Друштвото се вклопи во системот?
Од основање на Друштвото, чекориме полека и храбро, индирекно промовирајќи ги нашите вредности кои произлегуваат од вредностите на Групацијата Триглав. Би рекол дека се вклопивме во системот бидејќи луѓето знаат дека изборот е важен и дека имаат опција плус, особено што една од нашите цели на која целиот тим активно работиме е и зголемување на нивото на едукација и истовремено јакнење на довербата во системот. Трендот на раст на Триглав пензиско друштво потврдува дека успеавме луѓето да не препознаат како атрактивен избор во доменот на капитално финансирано пензиско осигурување на македонскиот пазар што беше и наша првична цел.
Триглав пензиско друштво АД Скопје се етаблира на македонскиот пазар. Доловете ја сликата која ја имате во Вашата визија за Друштвото во блиска иднина?
Како дел од Групацијата и Друштвото, во своите планови продолжуваме понатаму не менувајќи ги суштинските ориентации на својата постоечка стратегија, туку ги надградуваме во насока на раст и развој и зголемен фокус на членовите на системот. За таа цел, и понатаму го продолжуваме процесот на дигитална трансформација и развој на услужно ориентирани деловни модели и екосистеми, со цел доближување, а потоа и градење на нераскинлива врска со своето членство која започува со задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување и, потоа, спонтано се пренесува и во доброволното пензиско осигурување - сè со цел, посигурна пензиска иднина за сите они кои ќе ни ја дадат довербата. Бидејќи, најдобриот начин да ја обликувате иднината е да ги изградиш столбовите на кои таа се темели, а ние знаеме како.
Воедно, во наредниот период ќе ја интензивираме соработката со Стопанска бака АД Скопје која како што знаете е реномирана и водечка институција во делот на банкарство на мало, со која заедно ќе делуваме на подигнување на нивото на финансиска едукација на населението во областа на капитално финансираното пензиско осигурување и во следните години очекуваме таа да резултира со зголемена достапност и повисоко ниво на квалитет на услугите за сите граѓани, како и со зголемување на пазарното учество на Друштвото.
*Триглав пензиско друштво е дел од Групација Триглав, една од најголемите осигурително-финансиски групации во ЈИ Европа. Со работа започна во 2019-та година и во неговиот фокус е грижата за интересите на членовите на фондовите со коишто управува преку постигнување што подобар инвестициски резултат.
Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, mapas.mk