Интервју- Трифун Костовски: Мудроста и образот го сочинуваат човекот, а облеката е само гарнир на мојата личност
Постојат стотици дефиниции за стилот, но ниту една не е доволно добра да го објасни! Се работи за многу комплексно нешто во кое е вклучен и мисловниот капитал на една личност, погледите, ставовите, перцепциите, визијата...
Бизнисменот Трифун Костовски низ годините демонстрираше стил својствен само за него и никогаш не избега од својата доследност кон џентлменството. Препознатлив и по облеката, тој создаде стилска приказна која остава трага каде и да се појави. Хедонист и космополит, конзерватививен со складот на бои и со мал детаљ кој треба да ја разбие таа складност. Црн или сив костум, бела кошула, црни чевли, црни чорапи, црн ремен, добар часовник и марамче во реверот, согласно неговото расположение... и секако пурата која му е секојдневие.
За Машки магазин, зборуваме со него за модниот и животниот стил.
ММ. Ако стилот не се купува и велат дека тој се гради, како го градевте Вие?
- Постои еден познат француски филозоф кој е татко на стилистиката, и кој вели: „Стилот – тоа е човекот.“ Што значи оваа негова изрека? Тоа значи дека стилот не е само брендот на облеката, ексклузивноста на гардеробата и на сите модни додатоци. Стилот се состои во целокупната личност, во нејзините етички императиви, во начиното на однесување и постапување кон другиот, кон животот, кон светот, во начинот на изразување и користење на јазикот. Стилот е нешто што се гради од детството, па до смртта, и тоа не го обликува само човекот кој е носител на тој стил, туку и целата околина околу него. Токму затоа, би рекол, кога размислувам за мојот стил, размислувам за целата своја животна врвица.
ММ. Што е пресудно за добар стил, а што во вашиот случај?
- Добар стил е пред сѐ да се биде доблесен, чесен, широкоград, благороден човек. Ако зборуваме за појавноста, за надворешните детали во облекувањето, тоа е секако индивидуално и не постои единствена дефиниција за добриот стил. Едноставно, облеката треба да биде во склад со професионалните и индивидуалните карактеристики. Кога личноста не е во согласност со начинот на кој се облекува, и кога се обидува да ги следи модните трендови по секоја цена, тогаш не може да говориме за добар стил. Секоја професија избрана како животен пат си бара и адекватен стил. Јас го избрав бизнисот и сметам дека сѐ уште сум под големо влијание на стилот стекнат кој се практикува во високиот бизнис свет.
ММ. Како се облекувате? Што е она во што се чувстувате најубаво, но допадливо и стилски издржано?
- Она што имам намера денеска да го носам, мора да одговара на програмата која што е пред мене и секако дека кодексот на облекување ќе зависи од луѓето и темите на кои ќе бидам посветен. На сериозни бизнис средби, класичното одело, согласно новите модни назнаки е дел од мојата гардероба. Подеднакво уживам и во кежуал стил, необврзан но допадлив за себе и за својата околина. Бидејќи модата е жива материја и ако говориме за некогаш и денес, доаѓаме до фактот дека во 50-те и 60-те години, патиките, па дури и најубавите не можеле да се замислат и вклопат во кодексот на облекување на бизнис луѓето. Денес живееме во доба кога се кршат тие табуа и стереотипи, затоа што повеќе од јасно е дека е битно она што човекот го кажува и прави, а не она што го носи како облека на себе. Битно е човекот да се чувствува удобно, комфорно, па дури и кога разговара на многу сериозни теми. Да не заборавиме на стилот на Стив Џобс, сопственикот на една од најмоќните компании во светот, Apple – тој беше постојано во фармерки и патики. А тоа беше соодветно и доследно на наговата личност. Значи, повторувам – секој според својата личност и според своите преференци.
ММ. Дали костумот навистина создава посебен впечаток или денес оваа констатација е излитена?
- Не, костумот никогаш нема да биде излитена констатација. Бил, е и ќе биде симбол со одредена категорија на поединци кои исклучиво го негуваат тој стил на облекување. Костумот за секој маж е закон, се разбира во соодветните прилики.
ММ. Кои и какви модни додатоци носите и кој моден додаток треба да го поседува секој маж?
- Говориме за разноликост на вкусови, а модните додатоци ја даваат посебноста на секоја личност. Еволуција и во начинот на облекување кај секој поединец постои. Мојот пријател Родолфо Пицокери од Лугано, кој јас нагалено го викам Рудичка пред две децении внесе еден нов приод кон облекувањето кој за мене беше несфатлив. Имено, убав костум, бела кошула, црвена вратоврска, зелено марамче, жолти чорапи, црвени чевли. Со тек на времето сфатив дека се работи за личност кој во основа ги сака деталите кој самиот си ги избира како дел од неговата личност. Мислам дека и јас на тој план малку еволуирав, ама не до степенот да носам жолти чорапи и црвени чевли, туку останав доследен на трајната конзервативност со склад на бои и со мал детал кој треба да ја разбие таа складност, а тоа е марамче, кое често го носам и прашањето на избор дали да ставам вратоврска или не. Црн или сив костум, бела кошула, црни чевли, црни чорапи, црн ремен, добар часовник и марамче во реверот, согласно моето расположение. Од друга страна, сосема ја рабирам потребата да се предизвика неочекуван миг, со употреба на впечатливи бои, и со комбинирање на истите во најголема слобода, како во сликарството.
ММ. Дали секогаш се облекувате во брендирана облека или сепак не ви е тоа најбитно во поглед на облекувањето?
- Како што реков погоре, не е сѐ до брендот и до високата цената на облеката, но, сепак брендираната облека има свое место, посебно кај луѓето од мојата фела. Низ мојот животен век, имам носено многу брендирани парчиња, за денес да заклучам дека нај подобен бренд ми е Хуго Бос, кој најчесто го користам, па дури и во кежуал ситуации. Често пати несакајќи да го привлекувам вниманието меѓу моите другари со својата брендирана облека, користам кежуал парчиња од Масимо Дути.
ММ. Кој светски дизајнер или модна куќа според вашиот сензибилитет ви го привлекуваат вниманието и зошто?
- Бос за мене останува закон.
ММ. Kако треба да се облекува еден бизнисмен, џентлмен, вистински господин?
- Претенциозноста треба да биде лимитирана. Кодексот мора да биде задржан, а изборот зависи од самата личност.
ММ. Често имате пура... какви пури пушите и дали и тие до некаде го одразуваат статусниот симобол на мажот?
- Пушач на цигари никогаш не сум бил. Пред две децении почнав да пушам луле, кое го консумирав со голема љубов, меѓутоа пушењето луле си бара многу поголема посветеност во изборот на тутун, филтри и во одржување за да биде во функција. Пурите од друга страна претставуваат исто така симбол на елганција и џентлменство, меѓутоа бараат помалку време за нивно консумирање за разлика од лулето. Пурата ми е секојдневие и посебно ми е задоволството кога ќе ја запалам во круг на пријатели кога се создава прекрасна атмосфера, дали покрај каминот или на масата и тоа се моменти на големо задоволство и спокој или како што умее да каже една моја пријателка, тоа се моменти на мојот интимен хедонизам.
ММ. Што е она што сте го купиле евтино, а сте му се радувале бескрајно во поглед на облеката, а што е она скапо на кое исто така сте му се радувале?
- Не е важно дали е нешто ефтино или скапо – важно е да е соодветно на личноста, да предизвикува раодст, и да е во храмонија со начинот на живеење со контекстот во кој се наоѓаме. Во животот сум купувал и ефтино и скапо. Во раното детство се радував на првите фармерки кои беа шверцувани од Трст. Не чинеа многу, меѓутоа задоволството беше прекрасно. Во својата гардероба имам многу скапи и брендирани парчиња, кои за жал стојат, бидејќи со тек на време сум сфатил дека не ја одразуваат мојата личност. Се случувало еднаш или два пати да ги пробам и потоа заршувале во гардеробер или биле подарени на некој мој близок пријател. Со еден збор она што го сакам го носам, меѓутоа факт е едно, брендираната роба, во случајов Бос, во себе носи квалитет и стил кој мене како личност ми се допаѓа и го прифаќам како дел од моето секојдневие. Ова впрочем не важи дека и останатата брендирана роба нема своја вредност и клиенти, говориме на комплексноста на секој индивидуалец кој може да одлучи во што ќе се чувствува најубаво и најудобно.
ММ. Дали парите можат да купат стил?
- Не, парите не го купуваат стилот, парите служат за надградба на стилот. За жал говориме за индивидуални и лични перцепции на нештата кои нѐ опкружуваат. Секако дека пари се потребни, но кога е стилот во прашање, не нужни.
ММ. Како се учат манирите на однесување? Вие и во тој дел сте специфичен!
- Денес постојат и школи и тоа високо рангирани за начинот на однесување на јавни и приватни места. Јас такви школи немам посетувано и мојата единствена школа е животот кој ме научил да инкорпорирам во себе тоа што ми се допаѓа од луѓе кои имале во себе изградено сопствени стилови на облекување и однесување. Ќе споменам еден пример: во 1991 година бев во посета на бизнисмен од Барселона, со кого соработувавме и му испорачував кокс за неговите ливници во Шпанија. Бев поканет на гости во неговата хациенда во околината на Барцелона, каде обилуваа коњите во тоа прекрасно чувство на природа и слобода. Мојот домаќин не беше пристигнат и во моментот кога седнав на верандата се појави токму тој, почитуваниот мој партнер и пријател Гарсија Мунте, човек во своја наполнета седма деценија, во отворено црвено, кабрио Порше Карера 4, со прекрасен летен шешир и прекрасна свилена марама. Истиот момент се воодушевив на неговиот стил на живот и си реков: Трифун научи една лекција. 1994 година купив исто такво Порше, го донесов во Скопје, меѓутоа не можев така да уживам како би уживал во тој дел на Шпанија, Каталонија. Оваа мала реална приказна го отсликува мојот однос кон модерното и напредно прифаќање на животот, а со тоа и мојот однос кон личните нешта кои се на нас или околу нас.
ММ. Ваш совет за мажите во поглед на облекувањето...
- Мој совет е дека секој маж треба да се облекува согласно сопственото убедување, меѓутоа и мудро да ги слуша и применува сугестиите на понежниот пол.
ММ. Облеката не го чини човекот, тогаш што го чини (сочинува) вашиот живот?
Мудроста и образот, а облеката е само гарнир на мојата личност.
Небојша Толески