Интервју: Борче Стаменов, Европеец на годината: Со донирање на компјутер, им симнуваме едно гајле од грб на децата и родителите

Europe House (поранешен ЕУ Инфо центар) е основана од Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Со цел да се привлече младинскиот сектор и да се стимулираат иновации, модернизираниот простор ги кани прогресивните поединци, групи, заедници и организации да се дружат, да смислуваат и да презентираат нови идеи. Просторот е концептуално дизајниран за да служи како собиралиште каде што се поттикнува дебата, се инспирира соработка и вмрежување меѓу различни сегменти што вклучуваат претприемачи, млади иноватори, креативци… и притоа се промовираат европските вредности.

И оваа година се избираа Европејци на годината од Македонија. Делегацијата на ЕУ ги номинираше кандидатите кои се одлика на европските вредности, но јавноста е таа која одлучуваше за нивниот избор! Имаше три категории: здравствени работници,  заштита на животната средина и  млади активисти – но, сепак беа четири награди! Токму четвртата, посебна награда за солидарност, за прв пат востановена и можеби една од најважните му припадна на Борче Стаменов кој успеа да усреќи 800 деца и ученици заедно со поддржувачите, да добијат компјутер и да можат да се школуваат! Всушност тој е основачот на проектот „Донијар Компјутер“.

За Машки магазин ни раскажува за солидарноста, хуманоста и колку е среќен кога ќе изнуди детска насмевка.

ММ. Како всушност настана проектот „Донирај компјутер“?

- Донирај компјутер, како и се‘ во мојот живот, започна сосема случајно и без намера да прерасне во ова што е денес. Во фирмата, Бидат информатика, каде сум вработен веќе 20 години, наши клиенти често пати оставаа стари компјутери после нивна замена со нови. Имав околу дваесетина такви и се мислев што со нив? Случајно една самохрана мајка побара да не имаме некој половен компјутер за нејзините дечиња. Средив еден, го однесов и тогаш кликна идејата дека од нечиј “отпад”, јас можам да донесам среќа некому. Првите 20 се раздадоа по чуен муабет, после дојде креирањето на фан страна, прибирање на други донации и испорачување на истите онаку каде беше потребно.

ММ. Како се одвиваше процесот, од каде ги наоѓавте компјутерите, дали ги сервисиравте?

- Цела комуникација се одвивше преку социјални медиуми. Кога се расшири муабетот дека ете постои таква иницијатива, работите сами си се средуваа. Донираа физички и правни лица. На почеток беше тешко да се добие довербата. Сега кога веќе сите знаат за #ДонирајКомпјутер, сигурни се дека нивните донации ќе завршат на вистински места и во вистински раце. Секоја донација која ја добиваме и испраќаме е јавно објавена. Исто се случува и со отпадот кој останува и оди на уништување во компанија која се го уништува на прописен начин. Секој компјутер кој пристига кај нас подлежи на дијагноза и по потреба поправка. Можам да кажам дека сум до толку упорен да еден компјутер понекогаш го проверувам по повеќе пати. Понекогаш од три се прави еден кој би бил корисен за оние што ќе го добијат. 

ММ. Како и на кој принцип ги подарувавте?

- Принципот на селекција е прилично едноставен. Секој кој сака да се пријави и да добие компјутер е должен да достави било каква потврда со која ќе го докаже социјалниот статус на семејството. Без таков доказ ние не праќаме компјутер. Затоа и луѓето донираат кај нас. Од кога ќе се процесираат пријавите, секој е известен во порака. Времето на чекање зависи од тоа колку семејства се имаат пријавено и колку донации имаме за давање. Пораките се исклучуваат кога бројот на пријавени достигнува 30 семејства за да нели не се случи некој да се пријави и да чека компјутер со месеци. Потребни ни се до 2 недели за да ги обезбедиме тие 30 семејства. После постапката си ја повторуваме.

ММ. Дали ве радуваат насмевките кога на некој ќе му подарите компјутер и колку компјутери имате подарено до сега?

- Нема поголема среќа од тоа да некому му помогнеш да си го олесни и подобри образванието. Покрај тоа што му олеснуваме на учениците, нашите донации се од голема помош и за родителите. Им симнуваме едно гајле од грб. Тоа најдобро се гледа од благодарниците кои секојдневно ги добиваме. Тоа е она што нам ни носи среќа и ни служи како поттик да не застанеме! До денес, подарени се точно 774 компјутери низ цела Македонија. И морам да напоменам дека и донациите до крајните корисници, преку мрежата на карго службата Еко Логистик сервис, бесплатно се доставуаат.


ММ. А, како се случи наградата „Европеец на годината“?

- Ние како иницијатива имаме соработка со Делегација на Европската унија која има канцеларии во Скопје. Започна со голема донација од ИТ опрема сочинета од над 150 парчиња дескопи, лап топ компјутери, принтери и друго. Тоа се прошири и со 70 пакетчиња во кои имаше едукативен материјал и училишен прибор кои ги стававме во пакетите со донираните компјутери. Контактираме редовно. Наградата дојде сосема неочекувано. Канцеларија на ЕУ од 2019 година ја доделува оваа награда на поединци, здруженија или иницијативи за посебни заслуги кои се истакнале со своите делувања. Оваа година имаше 3 категории со по три номинации. Мојата награда беше надвор овие три категории и е насловена како посебна награда за солидарност. Она што требаше да биде обична средба со Амбасадорот Дејвид Гир на мое изненадување излезе да биде награда за она што #ДонирајКомпјутер ги прави веќе 5 години.

ММ. Што понатаму, кои се вашите планови?

  - Пред некој ден некој ми рече: како си тргнал и на децата шо уште не се родени ќе им обезбедиш компјутер. Тоа е планот. Македонија, со деца кои ќе имаат еднакви можности за образование. Оти никоаш не се знае, можеби во една од нашите донации се крие и следниот “Илон Маск”?

Небојша Толески