Интервју со Џијан Емин: Ќе раскажам емотивна љубовна приказна во микс на носталгија и надеж за подобро утре
Мултинструменталист,
диригент, автор на музика, народски кажано, „наше дете“ кој постигнал светски
успеси, соработувајќи на наш и на интернационален терен со светски познати
музичари. Тоа е Џијан Емин, кој во петок, во Филхармонија најавува нов музичко-поетски
визуелен перформанс насловен „Диши љубов“. Џијан за Машки магазин, зборува за
овој настан, за неговиот живот во пандемијата, за традиционалниот концерт на
отворено во Градскиот парк кој уште од сега се подготвува, за семејството и за
неговиот татко Незир Еминовски, кој ја испеа легендарната „Чаше ломим“. Џијан
скромно вели дека ниту еден успех досега не му се случил поради претходно
зацртан план, туку секогаш работи онака како што срцето му кажува.
*Најавен е интересен концерт во петок во Филхрамонија, „Диши љубов“. Те молам подетално раскажи ни за настанот, каква музука и какво визуелно доживување да очекува публиката?
-На 25ти март ќе биде изведен музичко-поетски визуелениот перформанс насловен „Диши љубов“. Станува збор за нов уникатен проект во кој музиката создадена низ песни раскажува емотивна љубовна приказна во микс на носталгија и надеж за подобро утре. Музиката ќе биде изведена од бендот “ oVo “ во состав : Драган Гиновски Гино – гитара, Ади Имери – гитара, Дарко Мучев – бас, Гоце Стевковски – тапани и јас во улога на гитарист и вокал. Дополнително на сцената ќе ги имаме Магичниот гудачки ансамбл во кој членуваат дел од музичарите од Филхармонија и вокалната група Магични гласови. Текстовиите и сценариото се на музикологот Тина Иванова, а визуелизациите се на добро познатиот визуелен уметник Емил Петров. Приказната ќе биде раскажана од актерот Атанас Атанасовски, а дополнително како дел од визуелизациите ќе се појави и балетската уметница Саша Ефтимова. како Овој перформанс требаше да биде изведен на 15 март 2020 година, кој поради почетокот на пандемијата не се случи. Проектот е организиран од продуцентската куќа Мјузик Инкубатор во соработка со Здружението на џез музичари.
*Како се собра овој состав на врвни музичари заедно, дали тоа што можеби и приватно сте пријатели беше пресудно?
-Секако е најубаво е кога свириш со другарите кои се одлични музичари и прекрасни луѓе. Пробите течат во прекрасна атмосфера можам да кажам дека ни се вратија малку насмевките на лицата, имајќи предвид во какво тмурно време живееме.
*Дали и моментот дека и слободното дишење за жал ни беше ограничено поради Ковид пандемијата придонесе за овој наслов „Диши љубов“?
-Во основа е проект кој треба да нè потсети дека љубовта е најсилната движечка сила во животот. Една од причините за создавање на овој проект е и огромното загадување на воздухот на кое сме сведоци изминативе години. За жал и пандемијата некако се вклопи во контекстот на приказната. Темата е реална и не соочува со самите себеси. Дишењето љубов е можеби спас.
*Во време на онлајн работа, онлајн слушање музика, онлјан дружење, онлајн живвот воопшто, колку на тебе лично и општо на сите нас ќе им биде тешко да се вратиме во нормала - да слушаме музика во живо и да муабетиме во живо?
-Човечки очекувано е лесно да се навикнуваме на добри работи. Кога ќе заврши пандемијата мислам дека луѓето веднаш ке почнат да живеат нормално. Сведоци сме на безброј трауми од пандемијата во сите аспекти на живеењето и мислам дека луѓето се преморени од притисок. Се надевам нема да има нови бранови кои пак ќе нè принудат на неубави состојби.
*Како ти и твоето семејство го поминавте периодот на пандемијата?
-Мислам како и сите други : на почетокот во голема неизвесност, па полека преку опуштање до потполно ослободување и прифаќање на последиците. Ова е чудно тмурно време каде децата изгубија две години од нивниот живот во безброј рестрикции и недостаток на дружење. Колку и да е тешко, возрасните имаат систем за прифаќање на нештата како реалност. За децата ова беше ужасен период. Искрено се надевам нема да се повтори.
*Освен концертот во петок, на кои други проекти си насочен, по успесите со Дерик Меј, Јуан Аткинс..., има ли нова интернационална соработка со други музичари во план?
-Планови и желби има многу. Во план е проектот со пијнистот Франческо Тристано заедно со оркестар, концерт со Рамбо Амадеус во соработка со ЗЏМ биг бендот, Франческо Беарцати, Бил Фрисел, проект со џез составот од Норвешка Јага Џезист ....Оваа година ќе биде полна со убави настани.
*Се подготвува ли уште отсега нов музички хепенинг на отворено, летово во Градски парк?
-Секако како и секоја година во градскиот парк ќе се случи концертот под отворено небо. Не смеам да кажам што ќе има на програмата, само ќе додадам дека ќе биде вистинско уживање за сите.
*Потекнуваш од музичко семејство, твoјата сопруга е музичар, дали и твоите деца почнаа да изучуваат музика?
-Генот во некаква форма е пренесен на децата и тие се многу талентирани за музика. Синот веќе свири виолончело неколку години, а ќерка ми започна пред некое време да свири клавир. Секако нема да инсистираме тие да бидат професионлни музичари, но гледајќи го нивниот талент едноставно сметаме дека не е фер доколку не свират некаков инструмент кој се надеваме ќе им помогне при културниот и социјален развој.
*Како се држат твојата мајка и твојот татко, легендата на народната музика, Незир Еминовски?
-Мајка ми и татко се сè уште во нашата димензија и се радуваат успесите на нивните деца и внучиња. Да се здрави и живи уште многу години. Јас сум среќен човек и имав голема среќа да се родам во семејство со прекрасни родители.
*Претпостававувам дека голем дел од твоите музички соништа се остварени. Но, кој не е остварен, со кого отсекогаш си сакал да свириш, и одиш ли кон остварување и на тој сон?
-Јас сум бескрајно благодарен што во досегашниот живот имав прилика да бидам дел од многу фантастични проекти со прекрасни луѓе и одлични музичари. Никогаш не сум имал некаков зацртан план за кариера. Напротив сите работи ми се случуваат без никаков план и распоред. Драго ми е што некој некаде ја препознава мојата искреност и љубов кон музиката и сè уште добивам прилики да работам со светски музичари, композитори и оркестри. Сон на секој човек е да биде среќен со она што го работи. Посакувам да ме држи силата и здравјето уште многу години, да можам да ги реализирам сите идеи кои ми се вртат низ глава и да бидам подготвен и за сите нови идеи кои ќе дојдат во иднината.
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива