Интервју со Марио Бионди, пејач и текстописец: Со моите песни и мојот глас испраќам само една порака: љубов!
Во пресрет на првиот концерт на Марио Бионди во Скопје што ќе се одржи на 12 јуни, пред винарија Камник, самиот музичар концизно но инспиративно одговара на нашите прашања, а за се она што нè очекува – многу енергија и моќна соул и фанк музика!
Клучни точки во Вашата дискографија?
Романтиката е една од моите омилени точки во овој момент, најмногу благодарение на соул музиката што беше основа на мојот прв успешен албум.
Најважното нешто што една песна мора да го има за да Ве заинтригира како музичар?
Прво, песната мора да ме допре во срцето. Мелодијата е една од најважните работи во песната.
Ја започнавте својата кариера во Италија за време на Acid Jazz движењето во Велика Британија, Астро фанк, Џованоти. Колку тоа влијаеше на Вас?
Кон крајот на 80-тите години ова влијание беше многу силно, така што пораснав со неколкуте албуми на Incognito. Се заљубив во гласот на Омар, кога започна да пее, исто како што џезот стана преродба на соул музиката, на најдобриот звук.
Споредбите на Вашиот глас со разни други пејачи - после толку години, како Ви звучи тоа?
За луѓето да создаваат врски и да паметат нормално е да прават споредби со други уметници.
Одлуката да одите во насока на соул музиката?
Татко ми ме качи на сцена кога имав 12-13 години. Првиот пат не бев сигурен дека музиката може да биде мојот живот. Всушност, неколку години по првото стапнување на сцена, решив да престанам со музиката. Бев заљубен во девојка и сакав да го живеам животот на друг начин, а не да бидам зафатен со концерти. Но, после 6 месеци почувствував празнина во мојот живот и повторно се свртив на музиката. Во Таормина на Сицилија во еден од најголемите клубови, едно од најпознатите места сфатив дека сакам професионално да се занимавам со соул музика. Тоа беше како договор, исполнување на ветувањето кон татко ми.
И тоа е така веќе 40 години.
Толку долго сум на сцената.
Порака за помладите генерации?
Треба да ја сакате музиката, не парите, туку музиката!
Какви пораки испраќате до публиката со вашата музика?
Само една порака: Љубов, спокој и мир. Кога сте смирени, можете работите околу себе да ги видите од добрата страна или во доброто светло.
Како е полесно да се изразат емоциите – преку музика или со зборови?
Мојата предност да се изразам е мојот глас. Но, ги сакам аранжманите во песните.
Секоја поединечна состојка носи големо значење во песната. Имам среќа што поради мојот глас, во моите песни има сè што е потребно.
Зошто музичкиот стил од 70-тите?
Мора да учиме од минатото. И да повториме нешто во сегашноста, но со нова енергија и со нова технологија, исто така. Не можеме да го заборавиме минатото, а 70-тите беа период во добата на Aquarius, мир и љубов. Овие многу добри пораки не смееме да ги заборавиме.
Што му недостасува на светот денес?
Минатото нè научи на многу работи. Понекогаш се обидуваме да заборавиме, можеби затоа што минатото е веќе старо, истрошено, но, тоа е лош начин да се живее. Моето семејство ме научи на многу работи. За интегритетот на нашиот карактер, за љубовта кон семејството, љубовта кон пријателите, кон соседството.
Секогаш треба да го цениме тоа.
Прв концерт во Скопје, очекувања?
Енергија, енергија и музика. Многу добра музика.
Моќна соул и фанк музика!