Интервју со македонскиот комичар со интернационална кариера Влад Илиќ: Важно е да ги следите силните чувства во вас, да верувате во себе и да уживате во моментот

Кумановецот Влад Илич е момче кој го живее својот сон на вистински начин. За него стендап комедијата не е само професија која инаку ја изведува во многу европски земји на четири јазика, туку начин на живот. Во моментов, тој живее во Лондон, и Тв мрежата Би-Би-Си му даде шанса за настап и го нарече ѕвезда во најава, тој е сè уште кумановец во душата и вели дека во неговата професија е клучно што се размислува со срце.

*Раскажи ни го накратко твојот пат од Куманово, преку Малта до Лондон.

Тоа е еден голем процес на промена кој на почеток е тежок и затоа е подобро ако се почне со мали одлуки, тоа полека ќе те охрабри да донесуваши големи одлуки што ти го менуваат животот.

Имаше многу предизвици по патот. Најтежок момент мислам дека беше првата зима на Малта за време на Божиќ. Бев сам, с è уште немав стекнато нови познанства, а најмногу ми недостасуваше семејството. Во еден момент дури и сакав да оставам сè и да се вратам, но гледајќи сега на тоа, тоа е нормално и е еден вид градење карактер.

Имав неколку „бекап“ планови додека бев во Лондон, но не верував дека некогашќе ги искористам. На крај ништо од тоа не е важно - важно е да ги следите силните чувства во вас, да верувате во себе и да уживате во моментот.

*Кој е тој клучен момент кога реши да станеш стендап комичар?

-Немав поим, искрено никогаш не го категоризирав тоа во главата како одреден момент. Во стенд-ап, во глума и слично се размислува со срце. Стендапот ме прави среќен и ми дава платформа да кажам нешто што сакам. Сè додека го носам тоа чувство ќе правам стенд ап.

*Каде живееш сега, кои ангажмани ти се следни?

-Живеам во Лондон со мојата вереница Лариса која е од Малта. Имав ново соло стенд-ап шоу од еден час кое премиерно ќе се изведе на Единбург Фрин фестивалот во Шкотска – најголемиот фестивал за театар и комедија во светот кој се случува секое лето од 1 – 31 август. На настапите беа поканети новинари и критичари и се надевам дека ќе имам шанса да бидам номиниран за престижната Периер награда за најдобро шоу на фестивалот.

*Објасни ни малку повеќе за честа која ти ја укажа Би-Би-Си.

-Би-Би-Си 3 комеди тимот бесе прекрасен. Продукцијата беше професионална од почеток до крај, имаа големо познавање и за позадината на секој комичар што настапуваше и условите што ни ги овозможија на местото каде настапувавме беше на највисоко ниво. Иако ние македонците знаеме да си се пожалиме – овој е тој редок исклучок кога немаше ништо лошо да се каже. 

*Ти се случило ли да не ти е денот, да немаш инспирација, да не ти се „отвара уста“ а имаш закажан настап. Што правиш тогаш?

-Мислам дека тие денови или моменти се најважни за еден комичар. Тогаш се поставуваат подлабоки прашања – зошто се чувстувам на тој начин и како би можел да најдам нов, свеж агол на материјалот или местото во кое работам таа вечер. Секој пат има некоја различна причина – во главно е материјата, но некогаш и имате лошо чувство за некое место. Свежината секогаш навлегува кога се отвора дијалог со публиката и тоа е мојот начин како да се справам со “лош” ден како комичар. Тоа е една од предностите на стенд-ап за разлика од театар, во комедијата не постои “четвртиот ѕид”.

*Како го објаснуваш феноменот дека токму од твојот роден град Куамново се „изродија“  многу добри актери, Сашко Коцев, Тони Мијахловски.., кои исто така се занимаваат со стендап?

-Освен некој колективен хумористичен ген во таа област (кој верувам во некоја мера е фактор) и ритамот и звучноста на кумановскиот дијалект создава некој таков шарм – а легендата вели дека водата од фонтаната куде тумбу има некакву магију.

*Колку нашиот народ е љубител на стендап комедијата, можеш ли да го споредиш интересот за твојата работа кај нас и во други земји каде што си настапувал?

-Ние имаме индустрија во подем односно сè уште е во некоја рана и експериментална фаза. Дефинитивно сме тополнарод со многу осет за комедија, но не секогаш во театарска и стенд-ап форма туку во една народна форма во насиот национален колектив - како во фолклорот, приказните, поезијата и оралните традиции кои се пренесувале од колено на колено. Мислам дека доколку културните институции обрнат повеќе внимание на тоа, дефинитивно може да станеме репер на балканот па и пошироко во однос на ова прашање.

*На кои јазици ги развеселуваш луѓето околу тебе?

-Хуморот е флуиден и патува низ секој јазик – во Лондон секако општо прифатен е англискиот но кога работев со Италијани, ќе скрпам збор-два на италијански и ќе пренесам нешто смешно или интересно на тој јазик, дома на македонски итд… Во главно македонски и англиски, но би сакал да пробам стенд-ап и на некој многу нов и различен јазик.

Што правиш кога ништо не правиш, што е она што тебе може да те насмее и да те развесели?

-Хумористични книги и ТикТок видеа од заспани мачки кои паѓаат од кауч, хахаха.

М.Џаровска