,

Искрено со маестро Џамбо Агушев: Ако облеката одговара на духот на личноста, сигурен сум дека тука нема никаква причина за некакво осудување

Непосреден и многу професионален, секогаш насмеан! Светот веќе го запозна, а неговата музика и она што го созадава многумина ќе кажат дека е ремек- дело. Џамбо Агушев стана своевиден културен бренд на државата заедно со својот оркестар, промовирајќи вредности кои и другите треба да ги промовираат. Неговиот музички успех се темели на многу работа, контакти, настапи насекаде, посветеност и желба да се прикаже она најдоброто од него. А, најдоброто од него се гледа и на моден план. Едноставно, секаде и секогаш изгледа стилски воочливо и одлично. 

За Машки магазин, го контактиравме во Словенија, каде имаше свои настапи! Еве што вели за стилот, својот стил, за работата...

ММ. Ваша дефиниција општо за стилот?

- Па, општо и накратко, стилот би го дефинирал како начин на изразување кој ги содржи сите можни карактеристики и особини преку кои една личност се разликува од останатите. И би кажал дека тоа е една исклучително важна алка од комплетното креирање на сопствената личност. 

ММ. Како ти стилски се дефинирате...

- Како професионален музичар, најголемото внимание и енергија секако ги насочувам во мојот индивидуален стил на музицирање. Но, во никој случај не ја изоставам важноста на сите останати сегменти кои ја креираат мојата личност, односно мојот стил на однесување, било тоа да е професионализмот, приватниот живот, начинот на однесување, начинот на облекување и слично. А, ако треба да дадам конкретна дефиниција за мојот личен стил, јас сепак би се потпрел на дефиницијата која ме опишува како музичар-професионалец а тоа е дека: „Џамбо Агушев е урбан, ведар и максимално позитивен музичар, кој бескрајната енергија и посебната емоција знае на чудесен начин да ја пренесе на секој човек од неговото опкружување“.  Таков сум на сцена, таков сум и надвор од сцената. Едноставно, таков ми е стилот.   

ММ.  Што е пресудно за добар стил, независно за каков стил се работи?

- Секако дека за да се има добар стил и тој стил да се одржува во континуитет, зависи од повеќе фактори. Зборувајќи од сопствено искуство, можам да кажам дека е многу важно човек да ја има природната предиспозиција и едноставно да носи во себе една ѕвезда која  ќе го движи по вистинскиот колосек. Секако дека кога е човек многу млад и кога е на самиот почеток од формирањето на личноста, пресудни се домашното воспитување, социјализацијата  и културата на однесување во општеството, а потоа средината и опкружувањето на личноста. Тие сегменти се според мене столбот и основата за да може една личност правилно да ги освојува сите фази на развој во изразувањето и да си го оформи својот личен стил. 

ММ. Комбинирате ли елегантно со спортско или сте припадник на класиката и елеганцијата?

- Кога зборуваме за модата и начинот на облекување, сметам дека модата е личен израз и сметам дека секогаш секој треба да се потруди да го пронајде својот стил. Сметам дека е грешка слепо да копираме и да следиме модни трендови. Мислам дека секој треба првенствено да се следи себе си, да најде нешто во кое се чувствува природно, свој и да го прати тоа. Така што, кога се работи за мојот начин на облекување, јас немам никакви ограничувања се додека тоа што го облекувам е во складност со приликата и секако, во согласност со пригодата.

ММ. Кои Ви се омилени нешта од Вашата облека и каде се купени?

- Имам многу нешта од мојата облека кои ми се драги и омилени на свој начин. Многу парчиња облека ми се омилени заради што ме врзуваат за некој важен момент или настан, или пак заради местото од каде се купени, или пак ме поврзуваат со некоја драга личност. Без разлика дали е тоа кошула, пантолони, костум или пак обувки.  Благодарение на мојата најубава професија, јас многу патувам и сето тоа ми овозможува да си купувам парчиња облека од сите страни на светот

ММ. Од каде купувате- од пазар, од бутик, од продавници на познати брендови?

Јас сум човек за кој познатиот бренд не е пресуден кога е во прашање облеката. Но, во секој случај е значаен. Патувајќи низ светот, сум имал многу ситуации каде сум налетувал на многу интересна и убава гардероба. Сум имал прилики да посетам ексклузивни продавници, сум имал среќа да присуствувам и на познати модни саеми, сум бил во опкружување на важни луѓе од светот на модата... И сето тоа многу ми придонело да имам уникатни парчиња облека кои многу придонеле за мојот стил.

ММ: Дали ако сте автентичен и интересен во облекувањето, тоа значи и осудување од нашата средина?

- Па, не би рекол дека автентичноста би била причина за некакво осудување. Секако дека е многу важно дека облеката треба да кореспондира со самата личност и секако со духот кој го носи таа личност со себе. Така што, колку и да е автентична и уникатна облеката, ако одговара на духот на личноста, јас сум сигурен дека тука нема никаква причина за некакво осудување.

ММ. Кој светски дизајнер Ви се допаѓа и зошто? 

- Сум имал прилика да посетам неколку високо квалитетни саеми за мода низ Европа. Исто така сум бил во опкружување на луѓе кои се професионалци во светот на модата. Сето тоа многу ми помогнало да научам нешто и да остварам некој каков-таков критериум кој многу ми помага. Не би рекол дека имам некој омилен или некој кој најмногу ми се допаѓа. Но кога би погледнале низ мојата гардероба, што се однесува до облеката, а и другите модни додатоци, сигурно ќе ги забележите имињата на Џорџо Армани, Пјер Карден, Роберто Кавали, Келвин Клајн и други.

ММ. Што облекувате приватно, а што за настапи?

- Како што и претходно кажав, мојата облека секогаш се базира на самата прилика и пригода. Приватно секогаш се потпирам на приликата и пригодата, но секогаш, без разлика колку е важен моментот и приликата, моето внимание и ангажираност се големи и значајни, затоа што за мене е многу важно пред се‘ јас како се чувствувам. А за да се чувствувам исполнето, секако дека треба да посветам солидно внимание кога е во прашање облеката. Исто така и кога се работи за моето професионално однесување, јас сум многу ангажиран и одговорен за стајлингот на сцена. Секој настап засебно си има содржина, сценарио, стил на музика или пак сценско обликување. Така што од сите тие сегменти зависи и мојот стајлинг на сцената. Јас сето тоа пред секој настап го разработувам и анализирам, па потоа се донесува одлуката поврзана со стајлингот на сцена. 

10. А, која песна најмногу сакате да ја свирите?

- Во мојот живот сум отсвирил многу песни, многу ноти, многу концерти, студиски снимања и слично. Без разлика што свирам или пак со кого свирам на сцена, мене единствено што ми е важно е што полесно и побрзо да ја пренесам мојата емоција на слушателот и гледачот и  да се создаде таа нераскинлива врска. Немам конкретно омилена песна, затоа што многу песни ми се омилени и ме врзуваат за многу убави спомени. 

ММ. Како се релаксирате- одите ли некаде да се одморите, дали спортувате?

- Со оглед на тоа што мојата професионална агенда ми е секогаш преполна со многу настапи и патувања, а од друга страна како сопруг и татко на три деца имам и семејни обврски и предизивици, јас навистина сум со премалку слободно време. Но, ако се направи добра организација и ако нешто навистина се сака, тогаш се‘ може да се постигне. Секако дека користам прилика за одмор. Што се однесува до спортувањето, тука навистина немам време, но и тоа понекогаш може да се случи. Користам можности да си го смирам духот и мислите со тоа што ќе изгледам некој добар филм или пак ќе прочитам некоја книга. Но секако најголемиот извор на енергија за мене е доброто здравје и среќата на моето семејство и моите најблиски. Кога се има тоа, јас сум целосно исполнет и спремен за освојување на најголемите предизвици. 

ММ. Што ново да очекуваме од Агушев?

- Сигурно дека во блиска иднина од мене ќе следуваат многу нови работи. Многу сум активен и навистина максимално се трудам што повеќе да придонесам не само на Балканската, туку и на светската музичка сцена. Големите успеси на светско ниво кои ми се случија мене и на мојот оркестар во изминатите 2-3 години за мене беа одличен поттик и инспирација за многу нови и интересни нешта. Не сум човек кој што многу планира, затоа што од ден на ден ми се случуваат многу нови работи, соработки и нови проекти. Единствено што можам да ветам е дека ќе следува многу музика, многу концерти, албуми и соработки со исклучителни светски музички имиња.

Небојша Толески