Искрено со Петар Богојески: Обожавам почетоци. Не сакам краеви. Сакам кога трае

Пред да го направиме интервјуто за Машки магазин, со политичарот Петар Богојески најпрвин добро се насмеавме. Има неверојатна смисла за хумор, посебно на своја сметка! И не се лути ако му кажете забелешки- внимателно ве слуша и секогаш има одговор. Едноставно, знае како да се однесува со луѓето без да биде претерано наметлив или да наметнува по секоја цена свои мислења.

Во периодов е активен со „Македонски концепт“, но настрана од политиката, тој несомнено има стил на облекување и однесување. Висок е прилично и скоро се‘ му стои, но тоа не значи дека не е внимателен при изборот. Вели дека не сака да создава слика на лажна скромност со „специјализирана“ кампањска облека...

Ова е само дел од ставовите кои ги има и за облеката и за однесувањето и за приватниот живот. Во продолжение, го доловуваме Богојоски од друга страна, онаа без многу политика...

ММ. Важите за човек кој има изградено стил на облекување? Како Вие би ни го доловиле?

- Истражувај и биди свој! Како и за се друго во животот, така и за стилот на облекување. Притоа, не е колку ќе платиш за некое парче облека, туку како ќе го носиш на себе. Колку поедноставно, толку подобро и попрактично. За мене, часовникот и обувките се нешто со посебно значење.

ММ. Што е пресудно за добар стил? Дали и тука политиката игра влијание ако се земе фактот дека политичарите и со облеката можат да им се додворуваат на масите?

- За мене граѓаните не се „маси“, секој од нас си има свој белег и свој печат. Додворувањето не е пресудно во политиката, туку начинот на кој се однесуваш. Пресудно е да изградиш сопствен стил, без да се обидуваш да наметнеш нешто што го нарушува твојот комодитет. Секако не поддржувам „нарачано“ облекување, нарачан стил, лажна скромност во облеката на митинг, а од друга страна да се трошат милиони зад грбот на граѓаните. Јас сум тој што сум насекаде. Нормално не може на дипломатски прием или на теренска посета да бидам исто облечен, од практична причина, не од глума. Но кога сум на терен, јас ја носам истата облека која е соодветна за таа прилика, без да создавам слика на лажна скромност со „специјализирана“ кампањска облека. Во основа мразам лажно претставување, чиј основен елемент е стилот на облекување.

ММ. Во што се чувствувате најдобро, каков тип на облека и дали еден костум може без вратоврска? Често не ја носите...

- Зависи од формата во која сум во моментот. Ако сум на мојата тежина, тогаш секогаш лесна облека, едноставна, можеби најдобро кошула без сако или маичка со апликација и сако. Но ако сум претерал, знаете на што мислам, сакото е задолжително, да го прекрие опуштеното. Повеќе фармерки од класични панталони, патики наспроти класични кондури. Секако костум без вратоврска е супер варијанта, мене една од омилените. Ако веќе е прашање чувство на удобронст, тоа е секако спортската облека.

ММ. Висок сте прилично, дали сте имале проблем со должината на облеката?

- Ајде да откријам една тајна. Често поради проблем со должината на ракавите, купувам кошула, која е во опција да ја носам само со превиткани ракави. Поинаку и да сакам, не ќе биде вкусно да се гледа.

ММ. Како треба да изгледа еден македонски политичар во поглед на облекувањето бидејќи униформираноста стана досадна?

- Онака како што вообичаено се облекува, без да нагласува дека е политичар. Смешно е кога човек, кој имал нормално поведение, барем во облекувањето, преку ноќ менува имиџ, само затоа што добил некоја функција или еве станал политичар. Веројатно тоа е знак дека имал проблем со другото поведение, кое не било забележително на време, преку стилот на облекување. Јас и сега имам висока државна административна позиција, а често користам облека, која за дел од колегите е непримерна. Па го имаш, оној момент на воздржани  погледи кон мене. Тоа особено што станува збор за институција, во која вообичаено е да седнам на состанок со буквално униформирани и често конзервативни луѓе. Сакам да сум различен, па макар тоа и да ме чини на кој начин ќе ме прифати околината. Конечен одоговор, според мене не треба да постои униформиран надворешен изглед на македонските политичари. Само да не се претерува. Внатрешноста е друга работа. Јас сум тука прилично конзервативен и промотор на норматив, кој во мој труд го нареков „општествено прифатливо поведение“. При тоа внимавајте, не мислам на воспоставено, туку прифатливо, што значи оставам отворена врата за реформи и во таа област.

ММ. Дали имате време за спортување и кој спорт преферирате? Каде најчесто спортувте?

- Се помалку време, но со вечен оптимизам дека само што не сум дошол до таа фаза во животот, кога времето за спортување ќе го имам во изобилство. Трчам и пешачам на кеј со пријатели, го искачувам Водно. Се надевам да се организирам, во дел од спортските активности да ги вклучам децата, со што ќе успеам да поминам повеќе време заедно со нив, но и да им наметнам спортски дух. Омилено ми е скијање и планинарење, особено на поголеми височини. Јас сум човек со фобија од висина, па искачувањето на планините ме полни со адреналин, а тоа пак помага полесно да се искачувам. Со други зборови, стравот мотивира. Исто знаам да потрошам ден, два неделно, во некој фитнес клуб. 

ММ. Понекогаш се чини дека сте неуморен- од каде црпите енергија?

- Од карактерот, да сум во состојба на постојана битка. Секогаш кога е се‘ мирно околу мене, чувствувам дека попусто го трошам животот. И брзо влегувам во нова „авантура“. Почетоците секогаш ми се силно мотивирачки. Обожам почетоци. Не сакам краеви. Сакам кога трае.

ММ. Покај стилот на облекување и стилот на однесување игра улога... Каков е вашиот на пример кога сте дел од народот? Какви и кои манири ги сметате за предност?

Тоа е најтешко. Лесно е да фрлиш на себе некое кошулче и патики, да ставиш часовник... но да се соочиш со народот, е тоа е предизвик. Односот човек со човек за мене е секогаш проблем. Јас кон секој човек, што за прв пат ќе го запознаам, покажувам силна емпатија и му давам полна доверба. Често се разочарувам поради тоа. Сепак не се менувам, останав ист, непосреден, искрен и целосно отворен. Цената што треба да се плати за вистината е голема, но цената за лагата е уште поголема. Колку и да се моите овци на број, ако не е во ред нешто со моите луѓе, јас сум понесреќен од нив.

ММ. Што правите кога не се занимавате со политика? Што е она што е составен дел од вас, а малкумина го знаеме?

- Обожавам да возам и да работам градинарска работа. Можам тоа да го правам со часови и часови. Со целосно внимание. Градинарството е ризично, но возењето поризично. Сакам да возам брзо но примерно. Најчесто моите гревови се поврзани со моето поведение во сообраќајот.

ММ. Која работа останува ваша неостварена желба?

- Бармен. Никогаш не успеав да бидам бармен. Веројатно до крајот на животот тоа ќе го реализирам. Може и про боно, само за добро друштво и забава.

ММ. Што би промениле кај себе?

- Би намалил со емоциите. Многу драстично. Сакам да „оладам“. Но од друга страна пак, емоциите не прават тоа што сме. Разумот е тука да балансира.

12. Вие сте семеен човек. Кои се главните постулати кои им ги всадивте на најблиските, а кои се животни лекции?

- Семејството е најважно. Тоа е нашиот кастел. После изгубена битка, можеш да се вратиш само во семејството. Да акумулираш нова енергија, пред да тргнеш во нова битка. Никогаш не виткај рбет. Никогаш. Животот е борба, која трае... трае... и трае. Бори се, тоа е смислата на животот. Без борба и емоции си растение. Па ниту тоа. Зашто и растенијата се силни борци. Ако не ми веруваш, пробај на сопствена кожа и своја одговорност. Сакај ги блиските, верувај во Господ и бори се за татковината.

ММ. Дали Вашата сопруга ве поддржува во вашата зацртна политичка агенда и дали често знаете да се советувате со неа?

- Целосна поддршка, за што и сум посебно благодарен. Таа често некои работи знае да ги доживее подраматично од мене, тоа го сокрива во себе, што ме загрижува.

ММ. Што е она по што мислите дека сте препознатлив, а не е составен дел од политиката?

- Градење на пријателства со различни ликови, без разлика на нивна политичка или иделошка определба.

ММ. Каде се одмарате? Кое место ви изгледа како создадено за вас и вашиот сензибилитет?

- Солун и беломорска Сикиа. Обожавам медитеранска клима.

ММ. Доколку можете да избирате, каде би се преселиле?

- Сакам да останам во Македонија и да се борам тука до крај на животот. Ако веќе морам да одговорам на прашањето, дали сум помислил некогаш каде, да, сум помислил, тоа се САД... Њујорк и Флорида. Алтернатива е Шпанија.

ММ. До кој степен парите можат да го олеснат животот?

- Парите се средство, а не цел во животот. Можат многу да го олеснат, но исто и да го замрсат. Убаво е да ги имаш, но уште поубаво да ги трошиш. Затоа не штедете, трошете. Јас цел живот сум на бранови, има моменти кога премногу ги имам, има моменти кога воопшто ги немам. Но секогаш сум исто среќен.

ММ. Што ве прави најсреќен?

- Да подарувам и да ги правам другите среќни. Насмевката ми е животен мотив. Јас не го гледам светот каков е, туку каков може да биде!

ММ. Која парола или девиза ви се омилени, а би сакале да ги споделите на читателите...

- Онаа на Дамјан Груев - „Подобро ужасен крај, одколку ужаси без крај“. Јас не трпам, не ги оставам работите да се рашеваат сами од себе, туку дејствувам. Втора на листа ми е „Не суди некому, ако не знаеш како е во неговата кожа“!

ММ. Што би тетовирале на себе? Дали би го направиле тоа?

- „Замолчи! Не суди!“ Да секако, зошто да не. Ќе го направам и тоа еден ден, само да најдам време.

Небојша Толески