Искрено за стилот со Ненад Ѓорѓиевски: Најдобро се чувствувам во тренерки, памучни маици и патики

Поголемиот дел од телевизиската и радио публика израсна со него. Тој е еден од најпрепознатливите тв. и радио водители кај нас кој со години успешно ја гради и менаџира својата кариера. Ненад Ѓорѓиевски од себе изгради бренд кој трае и денес, а неговата појава секојдневно е забележана во етерот. Ѓорѓиевски е семеен човек кој со безрезервна љубов пристапува кон своите деца и сопругата, а неговиот моден стил низ годините не претрпе значителни промени- остана доследен на своето. 

- Стилот според мене претставува одраз на личноста... Под моден стил не подразбирам слепо следење на модните трендови, туку одбирање на парчиња облека и додатоци во кои најдобро се чувствуваме, во кои сме свои. Стилот на некој начин е нашиот идентитет- вели Ненад за нашиот магазин.

Инаку, најчесто го преферира урбаниот стил. Удобна и практична облека во која се чувствува комотно, заглавен во метрополата помеѓу гужвите и тековните обврски. Но работата многу често му налага да комбинира и покласични модни парчиња.

 Но, што сака најмногу да носи, а во што изгледа најубаво- го прашавме водителот:

- Доколку ова прашање ми го поставете пред пандемијата, одговорот ќе беше дека сакам да носам кошули и блузи од фин памук, панталони, во комбинација секако би влегле и фармерки, сакоа во различни варијанти. Квалитетни чевли, или „елегантни“ патики... Но изминатава година јас најдобро се чувствувам во тренерки, памучни маици и патики, а истите најчесто и ги носам.

Поседува и парчиња на брендирана гардероба, но при купување секогаш му е побитен моделот и материјалот од кој е изработено тоа брендирано парче, отколку самата етикета.

- Брендот кој најмногу "ми лежи" веќе со години е Бицијани. Морам да признаам дека кога станува збор за обувки, преферирам да се од бренд кој е докажан по својот квалитет- додава Горѓиевски. 

Смета дека Македонците се модерни луѓе, кои и тоа како можат да "се носат" со остантите во регионот кога е во прашање модата. 

- Во ова ново дигитално време, секој има пристап до најразлични теми и содржини на интернет, па не е никаков проблем да се следат светските модни трендови. Секако, ова во согласност со креативноста и индивидуалните можности- потенцира Ненад.

Небојша Толески