Иван Наумовски: Од опера до кабаре – спој на класа и гламур во Gold Felicia

Кога оперскиот глас ќе се спои со енергијата на ноќта, настанува нешто навистина посебно. Иван Наумовски, еден од најпрепознатливите млади оперски пејачи во Македонија, сега ја открива и својата поинаква страна – дел од кабарето во Gold Felicia.

Кабаре програмата, која веќе е препознатлив дел од ноќниот живот во Битола, сега е присутна и во новоотворениот комплекс Gold Felicia во Тетово, каде што шоуто се одржува секој петок, додека секој сабота продолжува традиционално во Битола. Во соработка со 77 Entertainment, двете локации викендите ги претвораат во сцена на гламур, музика и емоција.

Во интервјуто за Машки Магазин, Иван зборува за спојот на класиката и современата сцена, за предизвикот да настапува во формат што бара и глас и став, и за магијата која се раѓа секоја вечер под светлата на највозбудливото ноќно шоу.

1.  Иван, јавноста ве познава по вашите оперски настапи и бројните сценски проекти. Како изгледаше вашиот пат до тука, и како се формираше вашиот музички идентитет?

- Патот до кабарето беше мошне интересен. Преку контакт со драги луѓе дознав дека има можност да се прошири ансамблот на кабарето, и без размислување се одлучив да се пријавам и секако да се појавам на аудицијата. Останатото е само историја или судбина која покрај класичната музика ми го прошири репертоарот на музичката сцена со мјузикл и оние стари класици на минатиот век.

2. Од опера до кабаре – на прв поглед, тоа се два различни света. Што ве привлече кај кабарето на Gold Felicia и што е она што ве инспирира во тој формат на настап?

- Уште од моите студентски денови во Скопје, па подоцна на универзитетите во Грац и Виена, секогаш покрај пеењето имавме предмети кои беа длабоко поврзани со уметноста на актерството како што е монолог, дијалог и сценски движења. Сето тоа што ми беше дадено како знаење од странските еминентни професори конечно можев да го искористам надвор од оперската сцена. Инспирацијата беше една голема желба да се докажам и надвор од класичната музика.

3. Како изгледа еден ваш настап таму? Кој е моментот кога чувствувате дека публиката „ви припаѓа“?

- Настапот е веќе извежбана рутина на која мораме како и секој друг уметник на сцена да се вложиме сто процентно за да оставиме впечаток, и да го оправдаме квалитетот на кабарето индивидуално, а и колективно. Секако дека има некои точки кои знам дека се атрактивни за стимул на публиката и затоа секогаш на нив се случува таа ерупција од шоу, сцена и музика, за која може да се каже дека во тој момент јас се чувствувам како центарот на Фелиција. Во моментот кога ќе пееме заедно со публиката, во тој момент знам дека сум освоил симпатии на голем дел од нив и тоа ми причинува големо задоволство.

4. Кабарето во Gold Felicia веќе стана препознатливо по високото ниво на продукција, костими, светло и енергија. Колку за вас е предизвик да се вклопите во тој спектакл, а сепак да останете верен на оперскиот стил?

- Секако дека е предизвик. Често настапувам со познати диригенти, пијанисти и оркестри низ Европа, и морам да сум во форма со класичната музика, и се обидувам да го балансирам тој простор помеѓу Шоу бизнисот и класичната сцена. Лично се обидувам да ја комбинирам и приспособам онаа класична техника на пеење кон останатите музички стилови во кабарето, и секако голем плус е што одговорните на кабарето се љубители на класична музика, и имаат доверба во мене да ми дадат да изведувам исто така класични композиции и мјузикли. Но предизвикот се претвора во задоволство, дружба и уживање поради колективот позади сцената, каде владее една одлична и пријателска атмосфера.

5. Вие сте еден од ретките уметници во Македонија што успеваат да ја задржат рамнотежата меѓу класичната музика и современата сцена. Дали сметате дека овие два света можат да се спојат, и дали кабарето е токму тој мост?

- Во кабарето меѓу другото се изведуваат и култни точки и настапи од најпознатите мјузикли. Мјузиклот како форма според мене е токму тој мост кој го прави оној спој од класичната музика до современата поп и рок музика. Но, сепак не смееме да заборавиме дека кабарето иако е популарно на балканските простори, сепак е ексклузивно токму поради комплексноста да се спои ансамбл со пејачи и танчери и да се привлече публика. Секако дека треба да има освежување на сцената, и не би ме изненадило ако токму кабарето е тоа освежување и спој.

6. Што најмногу ве изненадува кај публиката во Gold Felicia? Има ли разлика меѓу реакциите таму и оние на класичната сцена?

- Како кабаре кое не се наоѓа во главниот град во Македонија, туку во Битола, искрено најмногу ме изненадува многубројната публика од Битола, Прилеп и околните места кои често ги гледам околу сцената. Тоа е еден одличен показател дека локалците често уживаат во кабаретските точки и ни ја даваат поддршката. Класичната сцена има посуптилни реакции од кабарето, но громогласниот аплауз после некои точки сепак и не е толку различен. Лично ми е многу мило што пошироката јавност ме следи на класичните концерти, и често знам да ги видам како дел од публиката во Голд Фелиција.

7. Освен музиката, што за вас значи сцената? Колку уметникот мора да даде од себе за публиката навистина да поверува во настапот?

- Сцената е првиот и последниот дел од кругот на уметникот. Се измеѓу е напорна работа и школување за да се стигне до таму. Но, оној нерв што велиме за сцена е и тоа како важен каде и да се настапува, а посебно во кабаре каде треба да се даде голема енергија на сценскиот настап и да се покажат емоции.

8. Како изгледа еден ваш ден надвор од сцената? Каде ја наоѓате инспирацијата кога не пеете?

- Ден надвор од сцената е ден каде едвај чекам што побргу да застанам на сцена. Тоа е чувство на кое сум бескрајно благодарен што го имам, затоа што тоа чувство ми дава инспирација да пеам, да творам и да го живеам животот исполнет во секој миг со музика. Ако по утрото се познава денот, тогаш секој ден ми е исполнет со најубавата музика и најубавите чувства.

9. И за крај – што може публиката да очекува од вас и од следните изданија на кабарето во Gold Felicia?

- Нови точки исполнети со пеење, танц и многу иновативност. Секако со ансамблот на Голд Фелиција покрај мене.

Gold Felicia во Битола одамна не е само место за излегување – тоа е сцена каде што се спојуваат музика, театар и гламур.
Со отворањето на новиот комплекс Gold Felicia во Тетово, кабарето ја прошири својата магија и на втора локација, носејќи го истиот препознатлив стил и енергија.

Иван Наумовски е доказ дека класиката и кабарето можат да живеат на иста сцена – со стил, емоција и глас што плени.

Доживејте ја таа енергија во живо:
секој петок во Gold Felicia – Тетово,
а секој сабота во Gold Felicia – Битола.