Ивана Божиновска е рекордер по прочитани книги во Македонија: Целиот дом ѝ е библиотека, мајка е на три деца и ја работи работата од соништата
Ивана Божиновска го живее својот сон. Ја работи работата која ја сака, членува во голем број групи каде се разменуваат мислења за книги, домот ѝ е една голема библиотека, а како мајка на три деца, својата страст за книгите и читањето им ја пренесува и нив.
Вели дека за ништо на светот не би ја менувала својата работа, каде што времето го поминува грижејќи се за книгите, читајќи нови содржини и дискутирајќи со луѓе кои ги сакаат книгите.
Во читателските кругови важи за личност која е еден од рекордерите по број на прочитани книги во Македонија. Нејзината професија се книгите, а целото свое слободно време повторно им го посветува нив.
Знае да препознае читател и љубител на книги, а со таков профил на луѓе лесно и спонтано се спријателува. За „Женски магазин“ Божиновска раскажа за тоа како почнало нејзиното читателско искуство, како ја открила магијата на книгите, но и зошто за себе вели дека токму сега, како книжарка го живее својот животен сон.
Колку книги имаш прочитано досега и што најмногу те привлекува во читањето?
-Точна бројка на книги моментално не знам, затоа што сум во акција на запишување прочитани книги во дневник. Ама сето тоа е од 2020 навака... Од претходно, за жал немам записи.
Ама во просек читам од 120-150 книги годишно, па имам солидна бројка на прочитани. Во читањето првенствено најмногу ме привлекува моментот што можам да се исклучам од реалноста и да влезам во некој свој свет.
Се внесувам поприлично. Често знам и да си претпоставувам како би изгледале ликовите од книгата. Читам и за да научам нешто ново. Од секоја книга учам по нешто. Човек учи додека е жив, нели?
Како човек со долга читателска навика — можеш ли да препознаеш на прв поглед кој чита книги, а кој не?
-Веќе немам никаков проблем да препознаам нечитател, да препознаам некој што зел книга само за да се слика. Знаеш како препознавам читатели? Добри луѓе се, авантуристи, фантазери, луѓе спремни за дискусија, некогаш и прежестока.
Ретко можам да остварам таква дискусија за каква сум секогаш спремна, со луѓе на кои телевизорот им е поголем од домашната библиотека. Сакам читатели. Секогаш ги препознавам а и тие мене.
Имаш ли омилен жанр или сметаш дека секоја книга заслужува да се коментира дури откако ќе се прочита?
-Имам омилен жанр, мислам дека нема читател кој ќе рече - сите ми се омилени жанрови. Најмногу уживам да читам крими трилери и мистерии. Обожавам психотрилери. Е, тие се баш мој фах. Слаба точка. Читам и семејни драми, читам историски драми. Читам романски. Единствен проблем ми е да читам СФ и хорор...
Пробав со Хари Потер, не бива. Пробав со Стивен Кинг, не бива... И сега се радувам на секој нов излезен трилер. А дека секоја книга заслужува да се коментира и дискутира, и тоа како се согласувам. Само да се најде соодветен соговорник, затоа што не може секој да дискутира со мене. Знам да се скарам во таква дискусија (се смее).
Ти си дел од читателска заедница каде што се разменуваат мислења, рецензии и критики. Кои вредности ги споделуваат луѓето што читаат книги, освен заедничката љубов кон читањето?
-Јас сум член на многу книжевни групи, на таа читателска заедница како што ја нарече. Длабоко сум инволвирана во читачкиот и издавачкиот свет кај нас. Впрочем имам една своја група, едно книжевно катче кое го споделуваме со Милена.
Нашата Книжевна терапија. Покрај тоа што во неа разменуваме мислења, корици, рецензии, оттаму богами излегоа многу пријателства кои се бесценети. Се дружиме и приватно, организираме средби, дружења, дискусии. Еве баш сега Книжевна терапија (група на социјални мрежи) слави 5 години постоење, ќе направиме една седенка во кафана, и ќе пробаме еднаш барем да не дискутираме за книги.
Дали постојат „лоши“ и „добри“ книги или целосно се согласуваш со тоа дека вкусот е субјективен?
-Види, често знам да кажам дека за вкусови не се дискутира, ама има лоши книги. Навистина има лоши книги. За тие сама себеси си велам: аман Ивано, жали и време и пари... Е сега, луѓево со кои се дружам и дискутирам за книги, претежно имаат ист вкус како мојот, па ретки се острите дебати. Можеби секоја книга заслужува да биде прочитана, ама не и за секоја да се каже дека е одлична.
Дали искуството и животната доба влијаат на тоа како ќе ја доживееме една книга? Се согласуваш ли со ставот дека некои книги се читаат во младост, а други во зрелост?
-Имаше периоди кога животот ме измачи. Буквално ме измачи. Иако сум јас по природа весел, позитивен и скоро секогаш насмеан лик, ме измачи... Можеби тоа ги промени моите видици на голем дел од нештата, како кон луѓето, така и кон и книгите. И сега сум во интересна фаза, во комфор зона и си се држам до книгите кои знам дека ќе ми се допаднат и луѓето кои знам дека навистина ги сакам.
Има многу книги кои сум ги прочитала во младоста (иако нескромно јас сѐ уште се сметам за премлада) па ги читам сега во зрелоста пак. Искуството и животната доба богами работат на најјако. Предизвик ми е со класиците да почнам пак, сега лека - полека си ги вдомувам, зошто мене впрочем и со класиците ми се направи отпор кон читањето, па не читав неколку години.
Во втора година средно добив единица по македонски за Ана Каренина. Прашањето од професорката беше која боја бил фустанот на Каренина на балот. Не ми текнуваше, не знаев, добив единица и се заинаетив дека нема повеќе да читам книги.
Што значи за тебе „квалитетно прочитана книга“ — таа што остава длабока порака или онаа што предизвикува силна емоција во моментот на читање?
-За мене добра книга е добра книга. Јас сум премногу емотивен лик, многу сакам кога во книга ќе почувствувам силни емоции. Знам да се исплачам како мало дете. Знам на глас да се изнасмеам, знам да читам со стиснати тупаници... Некако успевам во најголем дел од книгите да најдам порака, макар и скриена. Ама ќе признаам дека повеќе ме привлекува книга која од мене ќе извади емоции кои можеби и не сум знаела дека ги имам. Сакам да читам, што да кажам...
Што најмногу ти се допаѓа во твојата работа како книжар и дали сметаш дека за некој да биде добар книжар е неопходно да биде и страстен читател?
-За да некој биде добар книжар, одговорно тврдам дека МОРА да е читател. О, Боже со какви книжари сум се соочувала... Јас уживам во мојата работа, мислам и дека мојата работа ужива во мене. Еднаш една пријателка ми рече дека и на Еским можам снег да му продадам ме бива. Нескромно ќе признаам. Ама не е ни чудо кога си вљубен во својата работа.
Цело време сум опкружена со луѓе кои ја делат мојата страст. Книжарницата ми е втор дом. Дискусии за книги бескрајни... И од овде имаат излезено квалитетни пријателства, не зборуваме постојано само за книги книжарницата е моето светилиште, мојот мир.
Единствено место каде ретко кој може да ме изнервира тука се чувствувам како своја на своето, како чуварка на книгите. Како некој кој може да помогне некому да си го најде патот, да го насочи во вистински правец. Душевниот мир ми е тука. Сега да не претерам, има и такви кои радо би ги измарширала од мојата книжарница, ама сега тоа не е тема на муабет.
Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ - Константинов
Фото извор: Приватна архива