Ивона Јо: Убавината без убава и привлечна енергија за мене е само потрошено време
Го има еден од најмоќниот глас. Своја е, гласно зборува на многу теми и не се двоуми дали да искоментира некоја неправда или „лудост“ во општеството. Јавноста ја запозна на нејзини 13 години кога се појави на македонското музичко шоу „Идол“, учествуваше и на српското шоу „Ѕвездите на Гранд“, а пејачката Ивона Јо последните 3 години е доста активна на музичката сцена. Годинава издаде и свои 3 песни, со последната „Себично“ настапи на Макфест 2024, нумерата „Тие очи“ направи бум, а помалку незабележана не остана и песната „Друго“.
Пејачката знае да изненади со изгледот, денес ја гледате русокоса, утре со долга црна коса, експериментира и со шминката, па во оваа прилика за Женски магазин ги открива нејзините ритуали за убавина.
*Каков е Вашиот дневен козметички ритуал?
- Негата на лицето премногу ми е важна. Ставам акцент на продукти кои се битни да имам нежна, мазна и сјајна кожа. Наутро ставам понежни серуми со задолжителна заштита со СПФ, без разлика дали е лето или зима. Без исклучок хидратација добра за цел ден. Додека навечер вметнувам малку поинвазивни серуми кои преноќуваат на лицето и ќе имаат ефект за 10 години отсега. Грижата што сум ја правела на лицето пред 10 години - резултатите ги гледам сега.
*Со какви препарати го негувате лицето?
- Витамин Ц, Ретинол, Хијалуронска киселина, СПФ, хидратантен крем, маслен чистач и воден гел чистач. Сите серуми се од yeppeuda, бидејќи ми се таман толку нежни за мојата нежна кожа, а инвазивни кога треба да бидат.
*Посетувате ли козметички салони?
- Да. За мене се грижат тимот за кожа од центарот Промоиталиа. И за ништо на свет не би ги сменила. Но… домашната грижа е секојдневна. Во колаборација со нив и третманите таму, имаме навистина добар ефект.
*Кои производи ги употребувате за нега на коса?
- Ништо посебно не и правам на косичката затоа што е кратка, безживотна и не расте квалитетно влакно. Генетски е така и тоа не можеме да го смениме. Шампонче, маска класика.
*Што сакате да прикриете, а што да истакнете со шминка?
- Не прекривам ништо со шминка благодарение на мојата нега на лице спомената горе. Шминката ја користам исклучиво за истакнување на мојата убавина. Очите се мој адут.
*Кои се Вашите омилени козметички производи?
- Витамин Ц на yeppeuda, ББ крема на Еуцерин, римел на Maybelinne(кој го користам веќе 10 години).
*Што носите секогаш во Вашиот несесер?
- Лабело за усни овој период и матт камена пудра.
*Омилен парфем?
- HER by Burberry
* Како би се опишале себе си?
- Екстровертно-интровертна личност, која си ја обожава приватноста. Омилено парче од денот е она самото кога никој на свет нема допир до мене.
А за време на викенди дружељубива и спремна да дадам максимално љубов на мојата публика која е дојдена за љубов и убава енергија.
* Што е она што ве движи напред?
- Вербата дека сум тука со некоја цел. Вербата во Бога и сѐ она што го сочинува Бога.
* Дали надворешната убавина е пресудна за оставање на прв впечаток?
- Повеќе би кажала надворешната експресија на енергијата. Убавината без убава и привлечна енергија за мене е само потрошено време.
* На која дама ѝ се восхитувате и зошто?
- Немам тенденција да се воодушевувам на луѓе, затоа што сфатив дека се‘ што мислиме дека е така како што е претставено на мреживе, тотално се‘ е спротивно од тоа. Поради тоа не се воодушевувам од убавина на надворешноста. Паѓам на внатрешноста и на она што го нуди енергијата.
* Каква треба да е современата жена?
- Она ништо не треба. Само едно нешто можеби… да биде тоа што е.