Јаховиќ оди во „репрезентативна“ пензија, не е лесно да се каже збогум, вели напаѓачот
Адис Јаховиќ повеќе нема да настапува за репрезентацијата на Македонија, одлуката е негови и лична, тој кажа збогум...
Јаховиќ кој има 35 години, и во моментот е играч на Бодрумспор, се огласи на социјалните мрежи.
„Да настапуваш во дресот на македонската репрезентација е исполнување на детскиот сон. Токму затоа воопшто не е лесно да се каже збогум, но сега е време за тоа. Не само заради мене, туку и поради репрезентацијата, соиграчите и селекторот.
Чувствувам дека повеќе не сум во можност на вистински начин да одговорам на репрезентативните обврски и сега е време чесно да го соопштам тоа.
Би сакал да се заблагодарам на сите соиграчи од репрезентацијата и целиот стручен штаб. Благодарност за селекторот Благоја Милевски за соработката и целата поддршка. Минавме и тешки и радосни моменти. Спомените ќе ги чувам засекогаш.
Во оваа репрезентација има талент и квалитет. Убеден сум дека ќе продолжат да напредуваат и да ја радуваат македонската спортска јавност. Оваа генерација на македонски фудбалери зад себе веќе има големи резултати и се што треба е да продолжат да даваат се од себе на секој натпревар за Македонија. Во победа или пораз, навивачите тоа го ценат.
Јас секогаш ќе бидам поддршка за тимот и цела репрезентација.
Напред Македонија“.
Адис Јаховиќ е вистински професионалец кој уживаше да биде дел од македонската репрезентација. Навистина ни е жал што поради здравствени причини во последниот период беше спречен да и помогне на селекцијата, но во моментите кога беше со тимот знаеме колку значеше за сите наши успеси. Благодарност за неговиот придонес во репрезентацијата. Му посакуваме уште многу радосни моменти на фудбалските терени и надвор од него. Пред се, многу здравје.
Адис Јаховиќ дебитираше за Македонија на 14. ноември 2012 година на пријателскиот натпревар против Словенија.