Јончевски: Нашата цел се победите, имаме дефицит на високи играчи
Не одмараа премногу нашите најдобри кошаркари ова лето, пред се затоа што јулските квалификации за Светскиот Куп 2023 ги заменуваат со настап во вториот круг од претквалификациите за Евробаскетот во 2025 година.
А августовскиот ФИБА „прозорец“ ни носи два натпревари. Првиот на 25. август, на гостински терен, против Данска, а три дена подоцна, во Скопје, во СРЦ „Кале“, ја пречекуваме селекцијата на Словачка.
Селекторот Александар Јончевски со мини-анализа на сработеното во изминатиот период - подготвителниот
„Имавме нецели две недели подготовки. Првата ја искористивме за базични подготовки во Маврово и успеавме да поставиме систем според играчите со кои располагаме во овој момент, бидејќи, знаеме дека дел од тие играчи не се појавија на овој собир поради оправдани причини, тоа се повреди“.
Јончевски е свесен и за хендикепот од немањето на квалитетен странец за овој, августовски „прозорец“...
„Првпат почнуваме едни квалификации за ЕП во кои немаме натурализиран играч, тоа ќе биде голем хендикеп за нас, особено што имаме дефицит на високи играчи и ќе се обидеме со она кое располагаме да одговориме на предизвикот Данска“.
И покрај се, новиот македонски селектор очекува оние кои ги одбра да атакуваaт на првиот триумф во овој втор круг од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2025.z
„Секако дека одиме на победа на натпреварите. Со стручниот штаб работиме веќе подолго време на индивидуалните карактеристики на противникот. Во овие две-три недели Данците не одиграа пријателски натпревари, па ќе ги гледаме нивните претходни натпревари од квалификациите, против Косово и Норвешка. Знаеме со што располага противникот, имаат квалитетни играчи, можам да го издвојам Лудберг кој беше во НБА, а сега потпиша за евролигашот Виртус Болоња. Тој е најголемата опасност за противниците на Данска“- додава Јончевски непосредно пред тргнувањето за Нествед, каде во четврток навечер, од 19.часот, следува првиот натпревар од претквалификациите за ЕП 2025.