Јончевски: Пласман на Европско првенство би бил прекрасен резултат по пауза од десет години
Александар Јончевски е новиот предводник на нашиот сениорски национален тим. Долги години беше во улога на асистент, од пред извесно време со одлука на раководството на федерацијата беше промовиран во наследник на Драган Бајиќ, со кого соработуваше во изминатиот период.
Од денеска почнува како прв тренер во нашата најдобра селекција која денеска замина за Маврово каде ќе биде почетокот на новиот циклус од квалификации, сега за пласман на ЕП во 2025 година.
„Добив повик од канцеларијата на Федерацијата да бидам новиот селектор на репрезентацијата, а тој повик не се одбива и доаѓа можеби еднаш во кариерата. Да се биде селектор е чест, но и голема одговорност да се предводи овој тим во квалификациите за Европското првенство. Имаме нешто повеќе од две недели да се подготвиме за двомечот со Данска, а потоа следи Словачка на домашен терен. Се надевам дека ќе успееме да направиме една позитивна атмосфера и енергија, нешто што ја красеше оваа репрезентација со години наназад и една атмосфера која го донесе најголемиот успех во 2011 година на ЕП. Нормално, пласман на едно ЕП по пауза од десет години би бил успех за оваа репрезентација“- потенцира Јончевски пред почетокот на подготовеки чија прва фаза ќе биде реализирана во Маврово.
Овој месец со себе ги носи и првите обврски за новиот селектор. Веќе на 25. август следува првиот натпревар од групата „Д“ од вториот круг на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2025.
„Се надевам дека ќе успееме да внесеме една добра енергија и можам да ветам дека ќе бидеме подготвени за било што во однос на противниците“.
Каков е планот на подготовките до оној прв натпревар во претквалификациите, на 25. август против Данска на гостински терен?
„Ќе работиме една недела во Маврово, доволна да се поминат базичните подготовки. Нема да бидеме комплетни поради повреди и одговори кои ќе ги добиеме подоцна. Ни следи еден натпревар против Црна Гора, со оглед на тоа што во септември следи ЕП, не можевме да најдеме повеќе ривали за контролни натпревари. На овој дуел се надевам дека ќе видиме работи кои ќе може да ги искористиме со Данска и Словачка и тоа во комплетен состав“
На оној поширок список се најдоа имињата на неколку играчи кои беа дел од националниот тим и во некои претходни квалификациски циклуси. Но и некои како Димитар Пандев, кои ќе ги чекаат своите први минути во сениорската селекција?
„Години наназад ги пратам сите селекции на репрезентацијата на Македонија, овој пат повик добија Пандев, Миловановиќ и Савиќевиќ, играчи кои заслужија еден ваков потег и се ќе зависи од нив дали ќе останат во ростерот од 12 играчи кој и понатаму ќе се натпреварува. Оние кои добиле повик во минатото, а не сега, сакам да потенцирам дека не сме се откажале од нив, дека го пратиме нивниот развој и дека во иднина ќе сметаме на нив“.
Квалификациската група во која се уште Данска, Норвешка и Словачка дава можност да се надеваме прво место и на пласман во оној главен дел од квалификациите преку кои се стигнува до место на собирот на најдобрите европски репрезентации. Кои се очекувањата на Јончевски во пресрет на новите предизвици, натпреварите кои водат кон учество на Европското првенство?
„Можеби групата звучи неатрактивно, со Норвешка, Данска и Словачка, но ни влева голема надеж дека ќе го освоиме првото место кое единствено води во следната рунда. Норвешка и Данска како скандинавски земји вложуваат доста во кошарката и самото тоа дека нивните селекции во младинските категории се во А-дивизијата, а не можеме ние да се пофалиме со тоа, дава за право дека групата е тешка. Со Словачка игравме двапати во скоро време и во турнирски систем имавме победа од 20, но и пораз од скоро 20 разлика. Ниедна селекција нема квалитет со кој ќе отскокнува, туку моменталната атмосфера и мотивација ќе го реши победникот на овој натпревар“- смета новиот предводник на нашиот сениорски национален тим пред стартот на августовските подготовки.