Кафето толку ќе поскапе што нема да може да си го дозволиме!

Иако стеблата со кафе оваа година обилно цветаа, борбите и прекините во банкарското работење го ограничија извозот, пренесува Ројтерс.
Посевите на кафе на висорамнините во источен Конго гнијат и венеат, бидејќи ескалацијата на повеќедеценискиот конфликт во регионот меѓу владата и бунтовничката група М23 ги спречува земјоделците да ја обработуваат својата земја оваа година, изјави денеска директорот на Државната канцеларија за земјоделство која го надгледува извозот, Франсоа Камбале Нзанзу.
Тој нагласи дека, иако имало многу кафе оваа година, извозот бил сериозно ограничен.
Говорејќи за состојбата на својата фарма во Муганзу, во покраината Јужен Киву, одгледувачот на кафе Мудекереза Кашугушу Селестин рече дека „ништо не останало“ од кафето кое го одгледувал и дека штетата го оставила во тешка ситуација за да ја издржува својата фамилија и да ја плати школарината за децата.
– Порано секоја година берев кафе во вредност од 300 долари, но оваа година добив само 50 долари – изјави тој.
Борбите меѓу владата и бунтовниците на М23, поддржани од Руанда, ескалираа на почетокот на годината, кога бунтовниците ги зазедоа главните градови во провинциите Северен и Јужен Киву – главни области за одгледување кафе, познати по висококвалитетните зрна арабика.
Freepik / Epreso