Како денес изгледа Кукуш, родното место на ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ?
Гоце Делчев (1872 – 1903) е еден од најголемите револуционери во историјата на македонскиот народ, еден од лидерите на Тајната Македонско - Одринска Револуционерна Организација (ТМОРО), подоцна на Рилскиот конгрес 1905 преименувана во Внатрешна Македонско - Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО).
Георги Николов Делчев е роден на 23 јануари (4 февруари, нов стил), 1872 во Кукуш, Егејска Македонија како прво машко дете, трето по ред на бројната фамилија Делчеви која имала вкупно девет деца. Делчев произлегува од релативно добро ситуирано семејство. Татко му Никола Делчев бил кукушанец, а мајка му Султана Нурџиева потекнува од блиското село Мурарци.
Кукуш — град во Општина Кукуш како административен центар на Кукушкиот округ, Егејска Македонија, денес во областа Централна Македонија, Грција. Според податоците од пописот, во 2011 година во градот живееле 22.914 луѓе, во општинската единица биле евидентирани 28.745 луѓе и 51.926 во општината.
Кукуш се наоѓа 35 километри северно од Солун. Тој е расположен на една ридеста месност, која на североисток се слева со Круша Планина (Карадаг) и е сред една од најбогатите рамнини во Македонија. Го опфаќа пространството во југозападниот правец на Долновардарската Низина, во подножјето на ридот Свети Ѓорѓија — заштитник на Кукуш.
Кон крајот на 19 почетокот на XX век Кукуш бил голем речиси чист македонски град. Градот одиграл голема улога во текот на македонското преродбеничко движење во средината на XIX век. Поради својата пробуденост Кукуш бил наречен политичко гнездо,а градот бил овековенчен во песната Т'га за југ од Константин Миладинов. Културно-политичката атмосферата која била создадена во родното место на Гоце Делчев, благотворно повлијаела врз изградувањето на идниот организатор на македонското национално-ослободително движење.
Гоце половина од својот живот го поминал во Кукуш. Тоа е првата фаза што го опфаќа неговото детство. Гоце рано пројавил позитивни карактерни особини. Тој уште како петгодишник, при една меѓусебна расправа на родителите, вербално се обидел да ја заштити својата мајка Султана, притоа покажал завидна храброст пред неговиот татко. Уште од тогаш кај Гоце се развило чувството за заштита на послабите и потчинетите.
Најраните години Гоце, сè до неговото заминување на училиште, минале низ еден период на немирни години. Кукушани и понатaму ја воделе борбата против Цариградската патријаршија.
Кукушани во февруари 1874 година одново минале кон унија со Римокатоличката црква, со што започнало во Кукуш и во околијата повторно да се шири унијатското влијание. Причината за вториот премин кон унијата е лошото однесување на грчкото духовништво кон населението. Од 1875 година како нов фактор во Кукуш започнала да се наметнува Бугарската егзархија, меѓутоа таа не успеала да се зацврсти во Кукуш, а според германскиот истражувач Р. Мах, Егзархијата во градот била официјално претставена но немала свој владика.
Денес Кукуш е современ град во кој се живее мирно. Скоро и да нема никакви остатоци од куќата каде живеел Делчев. Но мештаните со гордост се присетуваат на нивниот сограѓанин... На фотографиите погоре можете да го видите денешниот изглед на градот.