Кирил Лазаров ветува „нова“ Македонија, Дејан Манaсков отпадна за дуелите со Луксембург и Турција

Македонската машка ракометна репрезентација ги започна подготовките за двата дуели во ЕУРО квалификациите, против Луксембург дома и со Турција на гости, средбите се играат на 12 и 15 октомври.

Селекторот Кирил Лазаров ветува една „нова“ Македонија, поинаква и победничка, противниците никако не смеат да се потценат.

„Ситуацијата во репрезентацијата допрва ќе ја видиме каква е. Треба да се нагласи дека ова е нова репрезентација на Македонија, ќе биде поинаква и различна без Миркуловски, Стоилов, Лазаров. Имаме список на играчи со кој можеме да градиме еден нов систем, имаме добра репрезентација, играчи кои преферирам да играат во два правца. Ќе пробаме да играме поинаков, модерен ракомет. Ракометот е таков што денес ниту еден противник не смее да се потцени, така и Луксембург и Турција. Имаме доволно информации за нив, за Луксембург можам да кажам дека ние сме фаворити, но тоа треба да се оправда. Турција е многу незгодна, имаат амбиција за прогрес, постојано се заедно и тренираат, нема да биде лесно. Ќе играме во Ван, каде што очекуваме полна сала и притисок од публиката. Ние ќе се подготвиме добро, ќе играме за жал без повредениот Дејан Манасков, кој нема да настапи против Луксембург“ – изјави Лазаров.