Ќе биде погребана на нејзиниот роденден: Од ковид-19 почина медицинската сестра Ирена
Ова е голема загуба, секој ден вирусот зема жртви.
Четириесетгодишната медицинска сестра Ирена Дојчиновска Милошевска ја изгуби битката со Ковид -19, информираа денеска од Унијата на ЗМСТАС. Таа е најмладата медицинска сестра која го изгуби животот како последица на новиот коронавирус. Ирена била вработена во Геронтолошкиот завод „13ти Ноември“ во Скопје.
„Таа беше голем борец и хуманитарец во и вон своите работни обврски. Сакаме да апелираме и да потенцираме дека вирусот е навистина безмилосен и не постојат рамки на возраст во кој тој напаѓа. Ова не е првата жртва медицинска сестра, меѓутоа е најмладата. Медицинските сестри секојдневно го ризикуваат својот живот и животот на своите најблиски за пациентите. Ве молиме придржувајте се до мерките и помогнете на здравствениот систем кој одамна се бори вон своите можности.“ - изјавуваат од извршниот одбор на Унијата.
Унијата на ЗМСТАС сестра Ирена ќе ја памети како некој кој несебично се даваше во сите активности поврзани во нашата борба за сестринските права, ќе ја паметиме како голем човекољубец, лојален соработник и голем пријател.
Изразуваме сочувство до семејството и најблиските. Нејзиниот погреб ќе се одржи утре, на денот на нејзиниот роденден.