Книгата „Колоквијалниот изговор во Скопје...“ од д-р Блага Панева ќе биде промовирана во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

Вечерва (20 ноември), во 19 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе биде промовирана стручната книга од д-р Блага Панева - „Колоквијалниот изговор во Скопје и влијанието на артикулациjата на гласовите врз нарушувањето на правоговорната и правописната норма“. Промотори на книгата, која е во издание на „Супрема“, ќе бидат проф. д-р Веселинка Лаброска, редовен професор, дописен член на МАНУ, и д-р Александар Маркоски, вонреден професор и активен јавен обвинител. Настанот ќе биде збогатен со драмска изведба на учениците од V-а одделение при ООУ „Кочо Рацин“ – Скопје, под менторство на Билјана Денкова, професор по одделенска настава.

Во публикацијата „Колоквијалниот изговор во Скопје...“ се  обработува еден од најгорливите проблеми поврзани со изговорот на македонскиот јазик - колоквијалниот изговор во Скопје и неговото влијание врз нормата. Во делото се опфатени: Македонскиот јазик во основното образование со посебен акцент на програмското подрачје јазик; Анализа на гласовните промени во писмените текстови; Консонантски групи во почетна, медијална и финална позиција; Финални согледувања од анализите и насоки за подобрување. Изданието е заокружено со прилози и резиме на македонски и англиски јазик, како и список на богата користена литература.

Делото е произлезено од докторската дисертација со наслов „Артикулациjата на гласовите и акцентирањето во колоквијалниот изговор во Скопје и нивното влијание врз нарушувањето на правоговорната и правописната норма во наставата (врз база на корпус од говорни и пишани материјали)“, која Панева ја има одбрането на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во 2022 година.

Ако основната цел во секоја наставна програма по македонски јазик и литература, во сите степени на образованието, е „учениците правилно усно и писмено да се изразуваат“, тогаш грешките што ги прават тие, особено во писменото изразување, упатуваат на потребата од наоѓање начини и форми за подобрување. Поаѓајќи од фактот дека употребата на информатичко-комуникациската технологија влијае врз изговорот и пишувањето кај младите, целта на оваа книга е да го претстави начинот на изразување и пишување кај средношколската младина, притоа посебно обрнувајќи внимание на зачестеноста во правописните грешки, ситуација што е во голема мера недозволива за ученици од повисоките одделенија во основното образование, а уште помалку за ученици од средното образование.

Aвторката д-р Блага Панева е родена во 1963 година, во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје. Од 1989 до 2002 година работи како професор/наставник по македонски јазик и литература во средните училишта во Скопје „Лазар Танев“, „Гоце Делчев“, „Владо Тасевски“ и „Никола Карев“ и во ОУ „Васил Главинов“ во Велес. Од 2002 година до денес работи како советник во Бирото за развој на образованието во Скопје.

Има објавено повеќе научни и стручни трудови во списанијата: „Литературен збор“, „Стремеж“, „Образовни рефлексии“, како и во повеќе зборници од меѓународни научни конференции, на македонски, но и на англиски јазик.

Со Јадранка Клисарова и Јован Радески е коавторка на учебниците Македонски јазик со елементи на национална култура, за прво, второ и трето одделение, наменети за децата на нашите иселеници во странство (Република Србија). Исто така е коавторка на повеќе книги и прирачници: Нови аспекти на инспекторирањето во образованието, со д-р К. Петковски; Самоевалуацијата во училиштата, со д-р Лиз Томсон, д-р Дон Квист и група автори; Промоција на хумани вредности, со м-р Дарко Јорданов и  група автори; Прирачник за наставата по немајчин јазик, д-р Алесандро Бенати и група автори; Концепција за изработка на учебник со методологија за вреднување на учебник, група автори; Збирка на добри практики за планирање и реализација на наставна содржина со примена на критичко размислување, решавање проблеми и кодирање.

Книгата „Колоквијалниот изговор во Скопје...“ е достапна во книжарниците „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

*Пр објава