КОЈ ГИ ШИША МАКЕДОНСКИТЕ ПИСАТЕЛИ
Не се случи наеднаш. Ми требаа дваесетина и повеќе години писателска дејност за да одлучам. Одлучив откако собрав куп рецензии за моите отпечатени творби и тоа од еминетни македонски критичари и теоретичари на литературата: Милан Ѓурчинов, Гане Тодороровски, Влада Урошевиќ, Миодраг Друговац, Ташко Ширилов, Радован П. Цветковски, Иван Ивановски, Ефтим Клетников, Веле Смилевски, Тодор Кузманов, Венко Андоновски, Александар Прокопиев, Христо Петрески, Блаже Миневски, Мишел Павловски, Ангелина Бановиќ, Весна Чепишевска, Маја Тошиќ, Роберт Алаѓозовски, Марина Мијаковска, Елена Пренџова и др. Збирката од кратки раскази со комична и хумористична содржина ја понудив на издавач кој наизглед е добро позициониран на македонскиот книжевен пазар. Му се јавив по телефон.
-Здраво, како си?
-О, што ти текна да ми се јавиш? Како си ти?
-Имам нова книга, па би сакал ти да ми бидеш издавач.
-О, ќе бидам почестен.
-Барам за книгата однапред да ми се исплати хонорарот.
-Што значи тоа?
-Ти го продавам ракописот.
-О, не, јас немам пари за тоа.
-Како нели си издавач.
-Можам да конкурирам со твојот ракопис во Министерството за култура, ако тие одобрат средства, тогаш ќе ти ја издадам книгата, вака не. Знаеш македонските автори не се читаат.
-А ти си македонски издавач
-Да.
Кога го затворив телефонот си рекол ИЛИ тие грешат ИЛИ јас претерувам. Потоа почнав да се смеам како луд. Мој познаник, поет, пред триесетина години, го испрати својот ракопис во „Просвета“ во Белград. Од таму му одговирија на начин како што ми одговори македонскиот издавач.
„Нека сум проклет“ како би напишал Живко Чинго, доцна разбрав дека македонските автори не се читаат.
Тоа и го кажав на жената на мојот пријател - поет, која побара да го потврдам она што поетот и’ го рекол. И го рекол откако не го добил хонорарот за книгата финансирана од министерството.
Што требаше да потврдам, потврдив .
На крајот од текстот сакам да кажам дека ние македонските писатели сме добро информирани. Односно, знаеме дека од пишување во нашава страдалница, не се живее. Но, она што предизвикува болка, преку кое не можеме да поминеме, што не унижува, е тоа што никои не сакаат да ни ја прочита творбата, делото, кигата,како сакате наречете ја. Не сакаат да ни ја испочитуват: „Нашата мака, нашиот труд, нашата солена пот!“
П.С. Ќе следи текст за македонските драматичари
Пишува: Трајче КАЦАРОВ