Компанијата Зегин обедини домашни и странски експерти – “Заедно за спектар на можности”

“Успеавме”!-низ солзи радосници извика малиот уметник Филип Симоновски Циглењак, дете на спектарот со исклучителна дарба за сликање, кој беше една од испирациите за одржување на  првиот Меѓународен Конгрес за Аутизам и АДХД и кој се претстави со своја самостојна изложба на уметнички слики, а изложбата беше комплетно распродадена.

Под мотото “Заедно за спектар на можности”, во организација на компанијата Зегин и Фондацијата Д-р Верица Механџиска, во соработка со Здружението на педијатри на Р. Македонија и организацијата “Во мојот свет” во периодот од 13-15 ноември Скопје беше домаќин на доктори и експерти во оваа област од нашата земја и странство.

Конгресот претставува втора фаза од големата кампања за лицата со аутизам и АДХД која оваа година е во фокусот на компанијата Зегин како една од најголемите општествено одговорни компании кај нас.

Со богата тридневна програма и пренос во живо од сите три дена, низ модераторската палка на Ана Зафирова, македонската јавност имаше можност да ги слушне излагањата на врвните експерти кои несебично ги споделија своите знаења и искуства пред бројната публика во која беа присутни голем број на стручни лица, здруженија и родители на деца со АСН и АДХД, кои пак ги споделија сите предизвици со кои се соочуваат низ едно секојдневие и одблизу ни ја доближија сликата за тоа како е да се живее на спектарот.

“Преку оваа голема кампања сакаме да ја подигнеме свеста, да едуцираме и да потсетиме дека аутизмот не е ограничување, туку различен начин на постоење. Упатуваме повик за сочувство, за вклучување на светот да го види сјајот во она што може да изгледа како хаос. Аутизмот не е загатка што треба да се реши, туку ремек дело што треба да се цени. Да задржиме простор за неговата убавина, да ги почитуваме неговите предизвици и да се бориме за иднина каде што секој човек од спектарот ќе биде виден, слушнат и прифатен” ни изјавија од Фондацијата Д-р Верица Механџиска.

Од Компанијата Зегин и Фондацијата Д-р Верица Механџиска упатуваат голема благодарност до сите присутни предавачи, доктори, специјалисти, родители и сите останати кои беа дел од овој научен и навистина емотивен настан и едногласно заклучуваат- оваа кампања нема да сопре тука и сега.

Програмата од Конгресот можете да ја проследите на следниов линк

ПР објава