КОСТА ПЕТРОВ: Кога ќе почнеме да работиме на сопствената среќа, тогаш нема да озборуваме
Кој повеќе сака да озборува, мажите или жените? Дали преку секакви разговори на дневно ниво си ги лечиме фрустрациите? Дали сме свесни дека повредуваме некого? Имаме ли корист?
Ако сакаме најпрвин да бидеме искрени пред себе, треба да си признаеме дека некогаш не сме одолеале на предизвикот и во неформален разговор сме додале некоја ситна измислица или искривување на вистинската информација. Често пати додека го пиеме кафето со нашите пријатели или познаници слушаме сочни приказни за наши драги личности кои не се присутни во тие моменти. Тој разговор може да ни дојде како шеќер кој го засладува кафето и ни овозможува дупло уживање. Такви разговори во контекст на секојдневната неформална конверзација се нарекуваат озборување. Според резултати од едно австралиско опсежно испитување, 60 отсто од разговорите на возрасните луѓе вклучуваат озборување. Скоро и да нема некој кој барем пасивно не бил дел од озборување бидејќи и слушањето се смета како озборување. Да знаете дека некој кажува невистини, а при тоа да не се спротиставите значи дека и вие сте дел од тоа. Има многу причини за ваквата појава која од секогаш била присутна во човештвото- разбивање на досада, создавање на пријатна атмосфера, завист, да се оцрни некој… Распонот може да почне со безбедни шеги, измислици, навреди па се до клевети како казниви дела.
Овој феномен не ги исклучува ни жените ни мажите. Но она што е многу интересно, а спроведено на преку 2000 испитаници од страна на американскиот институт за Психологија, е тоа дека во денешно време мажите се тие кои за нијанса повеќе оговараат од жените. Причините се се уште неразјаснети целосно но како главни аргументи се наведуваат незадоволство, брзо менување на животните правила, ниската самодоверба, фрустрација, љубомора, тешко прифаќање на вистината...
Коста Петров, авторот на четирите најпродавани книги кај нас, интернационално докажан претприемач и експерт за односи со јавност, е убеден дека озборувањето во секој поглед е ништожно. Во неговата професионална кариера се сретнал со секакви озборувања, за него, за неговите пријатели, за пријатели на пријатели… Но непобитната вистина за Петров претставува вистински триумф над фрустрираните и нереализираните, токму тие кои најмногу озборуваат.
* Од Ваша перспектива, како го гледате и толкувате машкото озборување кај нас?
- Постојат некои верувања дека мажите всушност повеќе озборуваат од жените. Не знам колку има вистина во тоа. Она што мене не ми се допаѓа, не само кај нас туку и насекаде во светот, е што креираме слика за одредени личности базирана на лаги и наша интерпретација на вистината.
* Како и дали реагирате кога се озборува некој Ваш пријател, а при тоа фактите не се точни?
- Искрено, во моето опкружување ретко се озборува, а кога тоа се прави најчесто е за дневно политички случувања, но никако преку контекст на нечие омаловажување туку едноставно наша интерпретација на работите што се случуваат околу нас и многу поважно, кои се лекциите што можат да се научат од тоа.
* Дали сте наишле на ситуација кога Ве озборувале, а сте разбрале? Како реагирате?
- Мислам дека не постои личност која не се нашла во таква ситуација. Се разбира дека најпрвин се чувствуваш повредено и се прашуваш зошто тоа луѓето го прават но со тек на време сфаќаш дека луѓето преку озборување најчесто си лечат своите фрустрации и несреќните околности во кои се наоѓаат. Среќните луѓе не озборуваат.
* Во која доза ако воопшто постои таква, може да се озборува?
- Озборувањето постои колку што постои и човекот но тоа не значи дека е исправно. Мое правило во животот е не зборувај и не прави работи што не би сакал тебе да ти бидат направени. Кога ќе почнеме да работиме на сопствената, индивидуална среќа, тогаш не би имале време да озборуваме.
* Дали некогаш сте озборувале некој па дури и ненамерно?
- Да, не можам да кажам дека не сум го направил тоа но со тек на време сфатив дека таквите празни муабети никаде не водат. И ден денес можеби ќе започнам да озборувам но се “сецнувам” и гледам да престанам. Најважно е да се опкружиш со вистински луѓе и да се фокусираш на работите што наивистина се важно.
* Што е тоа во луѓето тажно овде па озборуваат?
- Не само овде, ова е навика што постои и што ќе постои се додека постојат луѓето на оваа планета. Озборувањето според мене е лечење на сопствена празнина. Мислиме дека ако ги омаловажуваме луѓето околу нас дека ние ќе бидеме големи, дека ќе бидеме над нив, но вистината е сосема спротивна.
* Некогаш озборувањето може да има несогледливи последици. Но, дали во повеќето од озборувањата постои и вистина помеѓу?
- Вистината има многу лица. Тоа што за некого е вистина, за некој е лага. Луѓето веруваат во тоа што сакаат да веруваат и некогаш колку и да им објаснуваш нивното мислење нема да се промени. Најважно е ти самиот да си бидеш чист пред себе. Верувам дека ако тоа се случи тогаш ниедно озборување не може да те повреди, напротив, ќе те направи многу посилна личност.
Небојша Толески