„Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен е роман за болката, љубовта и срамот

Со онлајн-промоција, преку фејсбук-страницата на издавачката куќа „Арс Ламина“, вчеравечер (27 октомври) беше претставен романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од данскиот поет и писател Бјорн Расмусен. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, е првиот наслов од новата едиција „Порта Европа“. Кон делото се осврнаа уредничката Бисера Бендевска и преведувачката Искра Бадева.

„Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ е роман за растењето на еден млад човек кој се навраќа на животот од неговото детство во рурална Данска и конкретно – на неговиот однос со многу повозрасниот инструктор по јавање, со кој развива приврзаност што прераснува во романтична и еротска опсесија.

Главниот протагонист во оваа книга е петнаесетгодишниот Бјорн, кој  живее во Западен Јуланд со двајцата браќа и со депресивната мајка. Бјорн се бори со својата хомосексуалност, што ја чува во тајност, и со деструктивните мисли. Кога Бјорн се вљубува во инструкторот по јавање, се развива чудна и садомазохистичка љубовна приказна, која има далекосежни последици.

Она што сака да го постигне авторот Расмусен преку својата проза е да нè поттикне да ги разгледаме и да ги размислиме прашањата за поставеноста на моќта во интимните односи и за нејзиното активирање, за среќата и за задоволството. Одговорите не се понудени, ниту, пак, се очигледни, благодарение на наративот.

Дали книгата е автофикција или не, не би можеле да знаеме, иако постојат и некакви докази во прилог на тоа тврдење. Болката, љубовта, срамот се емоциите што зрачат од „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“, така што секој би можел да се поистовети со некое делче од оваа приказна.

Овој роман е трескавична комбинација од тек на свеста, автобиографија и колаж на вистински оригинален книжевен глас. Наративот е сештојадач, исто како и телата во него, нескротлив како апетитите, ужасите и обидите што авторот Расмусен ги доловува во поетски детали. Длабоко емотивен, еротичен, елегичен и пансексуален, овој роман ги милува раните што ги посетуваме на телото и во душата, во обидот да им послужи на нагоните на нашиот најголем орган на телото – кожата што нè покрива и нè дефинира. 

Авторот Бјорн Расмусен е роден во 1983 година во Лемвиг, Данска. Дипломира на Данската школа за драматургија во 2007 година и на Данската школа за писатели во 2011 година. Истата година ја добива книжевната награда „Монтана“ за романот „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“. Во 2013 година се здобива со тригодишен грант за работа од данската влада, а следната година ја добива и наградата „Култур Борнхолм“. Во 2016 година е награден со книжевната награда на Европската унија, за истиот роман.

Идејното решение на корицата на македонското издание е на дизајнерката Катерина Соколова. Тоа беше избрано како победничко на конкурсот за дизајн на корици на сите шест романи од едицијата „Порта Европа“, како дел од истоимениот проект, чиишто активности се однесуваат на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар.  
Проектот „Порта Европа“ е кофинансиран од Европската унија.

Книгата веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“ и онлајн на www.literatura.mk

ПР објава