Крива Паланка – уште една општина со паметно улично осветлување
Уште една општина во Македонија ја започна трансформацијата во паметен град со поставување паметно улично осветлување. Во Крива Паланка поставен е системсо над 2000 светилки коишто се вклучуваат и исклучуваат по потреба, а зад целиот процес стои платформа за паметен град, на која може да се додаваат нови апликации и содржини. Целта е да се обезбеди подобра осветленост на улиците и јавните места за 60%, да се намалат сметките за електрична енергија на општината дури до 80% и значајно да се намалат штетните емисии на јаглерод диоксид во воздухот.
Со оваа активност, Крива Паланка ја започнува трансформацијата во современа и одржлива општина во која квалитетот на живот на граѓанинот е ставен на прво место.
„Досега плаќавме околу 800.000 денари месечно за јавно осветлување, а со новата енергетски ефикасна инсталација, трошоците веќе се сведени на само околу 100.000 денари на месечна основа. Освен што ќе добиеме поквалитетно осветлување, се очекува и дефектите на мрежата за јавното осветлување да се сведат на минимум, бидејќи работниот век на новото осветлување е 100.000 работни часа или околу 20 години. Подобреното осветлување овозможува зголемување на функционалноста на патиштата, особено навечер, што ќе придонесе и за поголема безбедност на граѓаните “, вели градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.
„Придобивките од ова решение се огромни, а потенцијалот е уште поголем, затоа што на платформата Паметен град можат бесконечно да се додаваат апликации и нови елементи од интерес за граѓаните и локалната заедница. Решенијата за паметен град се пример за користење на технологијата во служба на граѓаните. Ова би требало да ги мотивира и останатите општини да се приклучат кон дигиталнататрансформација, којашто ќе донесе подобар живот, економија и, пред сѐ, здрава животна средина“ - изјави Гоце Митевски, Главен комерцијален директор за деловни корисници од Македонски Телеком.