Култниот автомобил Југо се враќа: Еве каков е новиот

Легендарниот автомобил „Југо“, кој некогаш беше симбол на домашната автомобилска индустрија, се враќа на сцената во сосема ново, модернизирано издание. Првиот модел на „автомобилот на иднината“ беше премиерно претставен на престижниот настан за автомобилски дизајн во Минхен.
Новиот модел го задржува препознатливиот „кубен“ дизајн на оригиналниот Југо, но го надополнува со современи елементи. Станува збор за мал, триврат хечбек со компактни димензии и минималистички линии, освежен со модерни детали како LED светла, светлосни потписи и осветлено лого на брендот.
Зад дизајнот стои српскиот дизајнер Дарко Марчета, под водство на професор д-р Александар Бјелиќ, новиот сопственик на брендот Југо и експерт со искуство во германската автомобилска индустрија. Тој успеа да ги обезбеди правата за името и трговската марка, со цел да го врати култниот автомобил на европските патишта.
„Овој концепт не е само потсетник на минатото, туку истовремено ја нагласува пристапноста и спортскиот дух на новиот модел“, изјави Бјелиќ.
Според најавите, ако сè оди по планот, новото Југо ќе влезе во сериско производство во следните две години. Моделот ќе припаѓа на Б-сегментот на мали градски автомобили, со должина од околу четири метри, позиционирајќи се како конкурент на модели како Citroën C3, Renault Clio и Dacia Sandero.
Компанијата потврди дека автомобилот ќе биде понуден со различни погонски склопови, атмосферски и турбополнети мотори, со можност за електрична верзија во иднина. Ќе бидат достапни и опции со рачен и автоматски менувач. Особено внимание привлече најавата за спортска верзија на новото Југо, чија премиера е закажана за септември 2025 година на саемот CDE Classic во Германија. Тогаш се очекуваат и повеќе технички детали за платформата и моторизацијата.
Клучниот чекор кон враќањето на Југо ќе биде презентацијата на функционален прототип на Саемот Експо во Белград во 2027 година, кога ќе биде прикажана и финалната верзија што ќе влезе во производство. Проектот веќе предизвикува голем интерес кај љубителите на автомобили, особено во поранешна Југославија, каде што Југо имаше култен статус. Новите сопственици се надеваат дека комбинацијата од прифатлива цена, модерни технички решенија и носталгичен дизајн ќе привлече и нова генерација возачи.