Лаф- муабет со Андреј Магдевски: Живеам колку што ми е долга чергата
Дваесет и шестгодишниот плејмејкер Андреј Магдевски, кој пред неполн месец ја доби наградата за најдобар кошаркар во 2021-та од КФСМ, својата кариера ја почнал уште како тинејџер. Освен за јуниорските, кошаркашки тимови на Партизан и Реал Мадрид, настапувал и за сениорите на Уникаха Малага, Клиникас Ринкон, Партизан, Фени Индустрис (сегашен Еуроникел 2005), Гостивар, МЗТ Скопје.
Моментално игра за Плоешти, како и за државната, македонска репрезентација. Без оглед на успесите, како во работата, така и во животот, нѐ изненади со приземноста, но и со умереноста во сѐ. Фејсбук-пријателството го искористивме за лесен, пријатен разговор на разни теми, за разонода. Како што рече, ова е прво негово интервју од ваков тип. Затоа не му одолеа на предизвикот.
ММ: Кошаркарската федерација на Северна Македонија ти ја додели наградата за најдобар кошаркар во 2021 година. Што значи ова призание за тебе? Битни ли ти се наградите?
А. М.: Во тимските спортови многу тешко се доаѓа до индивидуални признанија што значи дека оваа награда за мене претставува голем успех и мотивација за уште понапорна работа и повисоки амбиции во иднина. Не можам да кажам дека наградите не ми се важни, но тимските победи и титули ми значат многу повеќе.
ММ:Имаш 26 години, а твојот курикулум е исклучително богат. Моментално живееш во Плоешти, Романија, каде што играш во истоимениот клуб, но претходно живееше и во Србија и во Шпанија, а во меѓувреме и тука. Дали тамошниот начин, стил на живеење влијае(ше) на твојот и како? Што „прими“ од Шпанците, Србите, Романците?
А. М.: Точно е дека сум живеел во повеќе држави, но на моја голема среќа секаде начинот на живеење и менталитетот на луѓето бил многу блиску до нашиот. Никаде не ми било тешко да се навикнам, секогаш се грижам за тоа да водам професионален живот и слободното време максимално да го искористам да одморам, да прошетам и да осознаам повеќе за културното богатство на секоја земја во која што сум живеел.
ММ: Кој народ е најблизок до македонскиот - романскиот, српскиот, шпанскиот, во смисла на стилот, начинот на живеење? Можеш ли да направиш споредба меѓу македонските мажи, Романците, Србите, Шпанците кога е стилот, начинот на облекување, однесување и слично? Кои се доминантни?
А. М.: Секако, до македонскиот народ најблизок е српскиот, во секоја смисла. За стилот на облекување можам да кажам дека Шпанците најчесто не обрнуваат многу внимание како ќе се облечат и каков впечаток ќе остават, додека во Романија и Србија е спротивно и секогаш сакаат да изгледаат средено. За карактерот на луѓето не можам да зборувам генерално бидејќи секој човек е различен, со различно мислење и однесување било во која земја живеел.
ММ: Играш и во државната, македонска репрезентација. Како се чувствуваш кога се наоѓаш во жижата на вниманието, кога те бодри целата нација? Како ја доживуваш популарноста? Како се носиш со неа? Дали ја гледаш како притисок или поттик? Како емоционален стимуланс, зошто да не?
А. М.: Чувството да се биде дел од репрезентацијата не може да се опише. Сите од мали нозе сонуваме да стигнеме дотаму, да ја пееме националната химна и да играме пред нашиот народ и фамилии. За жал, кошарката моментално не е број еден спорт кај нас, но верувам дека сите кошаркари имаат голем притисок да ја оправдаат довербата и улогата на репрезентативец и што подобро да ги бранат боите на државниот дрес.
ММ: Дека внимаваш на својот изглед - тоа е факт. Освен дресот, која облека ти е омилена? Како се облекуваш вообичаено? И денски, па и навечер. Што преферираш - удобност, квалитет, бренд?
А. М.: Работата ми е таква што најчесто, кога одам на тренинг, сум облечен во тренирки, но кога имам други, приватни обврски или одам на ручек/вечера надвор од својот дом, најчесто преферирам да бидам среден од глава до пети и да се чувствувам удобно во тоа што го носам.
ММ: Како се доживуваш себеси, како џентлмен, т.е. господин човек или мачо? Како ќе ги дефинираш обата, кои се нивните особини? Какво е твоето држење кога се работи за жените? Супериорно или?
А. М.: Што се однесува до ова, искрено не би сакал сам да се дефинирам како особа бидејќи скромноста е моја најголема особина. Да се биде џентлмен, најважни се односот и почитта, високиот степен на култура, да не манифестира ароганција и да поседува убави манири, но истовремено да се разбира и во сопствената вредност и намера. Иако имам јак карактер, секогаш сум за баланс и компромис. Посебно во бракот/врската, најважно е да се погледне во вистинската насока и заедно да се најдат решенија кои ги задоволуваат двете страни.
ММ: Се чини дека си доста исполнет, како професионално така и приватно, т.е. семејно. Неодамна се ожени. Сепак, постои ли некоја желба што не си ја остварил досега, но планираш во блиска иднина? Можеби проширување на семејството?
А. М.: Да, точно е дека долгогодишната врска со девојката ја крунисавме со брак. Полека и двајцата почнавме да размислуваме за проширување на семејството, но не брзаме, најважно е да сме живи и здрави.
ММ: Без оглед на твојата целосна посветеност на спортот уште како дете, постојат ли навики што мораше да ги смениш, а истовремено да се придржуваш кон другите, новозададените и покрај тешкотиите со кои се соочуваше? Дали ти го сменија и начинот на живеење, стилот?
А. М.: Сигурно дека животот ми е многу сменет откога започнав да се занимавам со кошарка. Потребно е многу жртвување и поддршка за да се биде професионален спортист и да се живее таков живот, но се надевам дека еден ден сите жртви ќе се исплатат.
ММ: Луксузниот живот е карактеристичен за многумина спортисти, вклучувајќи го и т.н. хај-лајф. Како гледаш на отмениот свет, повисоките општествени кругови? Дали сакаш да им се приклучиш, имаш ли такви амбиции? Дали сакаш луксузни предмети, лимузини, хотели? Сакаш ли да „играш“ со пари, да трошиш ненужно?
А. М.: Нормално дека следам како луѓето живеат луксузно, трошат големи суми на ноќен живот, скапоцени предмети, автомобили и слично. Лично, немам никаков комплекс со тоа кој како троши и живее, но можам да кажам дека тоа мене не ме исполнува, јас живеам, народски кажано, „колку што ми е долга чергата“ и паметно ги користам и инвестирам моите примања.
ММ: Многумина спортисти патат од Сизифов комплекс. Можеби е табу, но има и такви што зборуваат отворено за него. Се соочуваш со чувството на страв од евентуален неуспех токму во мигот кога треба да се постигне некоја цел? Како го надминуваш истото, со употреба на техника или не се оптоваруваш со него?
А. М.: Никогаш во мојата кариера не сум имал страв од неуспех, па и после некој болен пораз се трудам тоа да не го доживувам како разочарувачка емоција, туку како можност за зајакнување на карактерот и ментален раст. Мојот карактер не го дозволува тоа бидејќи верувам во мојата секојдневна напорна работа и немам што да изгубам. Напротив, можам што повеќе да добијам.
Блиц прашања:
ММ: Што има приоритет во твојата гардероба, класичната облека или трендовската? Која боја е доминантна?
А. М.: Предност има класичната гардероба и најчесто преовладува зелената или сината боја.
ММ: Даваш подароци често? Што ѝ подаруваш на сопругата вообичаено? Поважна ти е формата или содржината?
А. М.: Секако дека често давам подароци, најчесто на сопругата и гледам да ѝ подарам некои работи кои ѝ се неопходни, како и различни патувања за што повеќе нови животни искуства.
ММ: Какви парфеми користиш? Кој мирис ти се допаѓа најмногу? Дали правиш разлика меѓу летен и зимски на пример?
А. М.: Секогаш користам различни парфеми, во зависност од годишното време, дали ми е потребен посвеж или јак парфем. Како фаворит можам да го издвојам Dior Homme Intense, парфем кој никогаш нема да ми здосади или да се пренаситам од него.
ММ: Која трговска марка ти е омилена кога се патиките во прашање? Колку пара имаш вкупно, и за тренинг и за натпревар? Дали носиш патики вон теренот?
А. М.: Голем љубител сум на патики. За на кошаркарските терени најчесто носам Nike и во секое време морам да имам 3-4 пара, додека за надвор имам околу 20 различни брендови на патики/чевли за различна намена.
ММ: Се школуваше за кошаркарски тренер. Дали тренерската работа е следователна, по завршувањето на играчката кариера? Имаш ли големи амбиции?
А. М.: Кошарката е мојата прва љубов и секако, по играчката кариера ќе се занимавам со неа. Посакувам да бидам тренер, времето ќе покаже, но сигурно е дека ќе бидам присутен во оваа област.
Игор Ландсберг
Фотографии: од приватната архива на Андреј Магдевски